Шпанија ќе го ограничи одгледувањето живина во неколку региони поради птичји грип

Според податоците на АДИС, европскиот компјутерски систем за болести кај животните, 139 епидемии биле регистрирани на фарми со живина во Европа во периодот меѓу 1 јули и 5 ноември, вклучувајќи 14 во Шпанија

Шпанија ќе го ограничи одгледувањето живина во неколку региони почнувајќи од понеделник, како одговор на „порастот на случаите на птичји грип во Европа“ и „зголемениот ризик“ во самата земја, соопшти Министерството за земјоделство.

„Во последните недели забележавме зголемување на бројот на откриени случаи, и кај дивите и кај домашните птици, што укажува на влошување на состојбата“, наведува шпанското Министерство.

Според податоците на АДИС, европскиот компјутерски систем за болести кај животните, 139 епидемии биле регистрирани на фарми со живина во Европа во периодот меѓу 1 јули и 5 ноември, вклучувајќи 14 во Шпанија.

Картата што ја објави шпанското Министерство за земјоделство ги идентификува најзагрозените или високо ризични подрачја во југозападниот и во централниот дел на земјата, како и на северот.

Соочени со овој пораст на случаи, властите забранија одгледување живина на отворено во овие области почнувајќи од понеделник, 10 ноември, освен во исклучителни околности кога мерката не би важела.

Во моментов не е објавен краен датум за ова ограничување.

Велика Британија и Франција, кои исто така се погодени, воведоа слични ограничувања за живина како одговор на оваа ситуација, што повторно предизвикува загриженост меѓу земјоделците.

Зачлени се на нашиот е-билтен