Шпанија ќе забрани продажба на енергетски пијалоци на лица под 16 годин

Шпанија ќе ја забрани продажбата на енергетски пијалоци на лица под 16 години, а на посилни брендови и на лица под 18 години, бидејќи нивното консумирање доведува до нарушувања на спиењето, однесувањето и кардиоваскуларни заболувања, изјави денес министерот за социјални права и потрошувачка.

„Енергетските пијалоци станаа закана за здравјето“, изјави министерот Пабло Бустиндуј за новинарите во Барселона, каде што се сретна со претставници на фондација која се бори против дебелината кај децата. Забраната, за која не прецизираше кога ќе започне, ќе се прошири на лица под 18 години за пијалоци што содржат повеќе од 32 милиграми кофеин на 100 милилитри.

„Ќе го направиме најефикасниот правен инструмент што ќе ја види светлината на денот што е можно поскоро“, рече Бустиндуј. Тој нагласи дека мерката има широка општествена поддршка, „бидејќи девет од десет луѓе во Шпанија се за неа“, според анкета објавена минатата недела од Шпанската агенција за безбедност на храната и исхраната (Aesan). Според анкетата, поддршката за забраната е многу висока и кај младите луѓе, при што 88,3 проценти од испитаниците на возраст од 18 до 35 години ја поддржуваат.

Министерот за потрошувачки прашања се повика на други податоци од студијата за да предупреди на потребата од ограничување на продажбата на овој производ. Околу 25 проценти од испитаниците консумираат енергетски пијалоци, во просек двапати неделно. Речиси половина од оние кои консумираат енергетски пијалоци пијат барем еден дневно, а 47 проценти редовно ги мешаат со алкохол. Оваа регулатива ќе биде дополнување на претходно усвоената забрана за продажба на енергетски пијалоци во училиштата.

Во извештајот на Aesan од 2021 година се наведува дека прекумерната консумација на кофеин може да предизвика несакани физиолошки ефекти, од нарушувања на спиењето, преку психолошки ефекти и промени во однесувањето, до кардиоваскуларни нарушувања.

Во Шпанија, северните автономни региони Астурија и Галиција минатата година ја забранија продажбата на енергетски пијалоци на деца под 16 години. Други европски земји како што се Обединетото Кралство, Германија и Полска, исто така, усвоија слични мерки или планираат да го сторат тоа наскоро, објави шпанскиот јавен радиодифузен сервис RTVE.

Зачлени се на нашиот е-билтен