Шпанија одби да се приклучи на „Одборот за мир“ што го промовира американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека иницијативата има преширок и нејасен мандат, се позиционира надвор од рамките на Обединетите нации и ја изоставува Палестинската управа од структурата што треба да решава конфликти, меѓу кои и војната во Газа. Премиерот Педро Санчез по самитот на ЕУ во Брисел порача дека Мадрид останува на линијата на мултилатерализмот, меѓународното право и легитимитетот на ОН.
Иницијативата беше претставена на Светскиот економски форум во Давос, како платформа што треба да посредува во прекини на огнот, да се занимава со безбедносни аранжмани во постконфликтни средини и да координира реконструкција. Но од самиот старт наиде на воздржаност кај традиционални сојузници: според извештаите, Канада и Британија не се приклучија, а од ЕУ надвор од проектот останале сите членки освен Унгарија и Бугарија. Во истата рамка се наведува дека дел од блискоисточните држави, меѓу кои Израел, Катар, Саудиска Арабија и ОАЕ, прифатиле учество.
Одлуката на Шпанија не е само „не“ на една покана, туку сигнал како Мадрид ја чита легитимноста на мировните формули. Во шпанската логика, одбор што се обидува да гради постконфликтен поредок без вклучување на палестинскиот политички субјект ризикува да произведе „решение“ што ќе се продава како мир, а ќе функционира како управување без претставеност. Токму затоа Санчез ја издвои Палестинската управа како клучна празнина што ја прави конструкцијата политички проблематична, особено ако телото претендира да стане паралелен канал на ОН.
Позицијата се вклопува и во пошироката надворешна политика на Шпанија во последните години. Владата на Санчез на 28 мај 2024 официјално ја призна државата Палестина, објаснувајќи дека потегот е насочен кон поттикнување мир и решение со две држави. Во таа рамка, шпанската дипломатија се обидува да го држи конфликтот во институционални шини, каде што одлуките имаат меѓународна тежина и одговорност, а не се производ на нови „клубови“ со правила што се менуваат според моменталната геополитичка моќ.
За ЕУ, одбивањето на Шпанија има уште една порака: европската надворешна политика веќе е доволно раздробена и без дополнителни ад хок формати што го релативизираат единството. Кога голема членка јавно се дистанцира, таа практично ја поставува границата меѓу желбата за „брзи мировни решенија“ и потребата тие решенија да бидат легитимни, инклузивни и правно одржливи. Во спротивно, секоја нова иницијатива ризикува да стане алатка за престиж, а не механизам за мир.