Левичарската влада на Шпанија донесе одлука што веќе предизвика бурни реакции низ Европа – ќе легализира околу 500.000 мигранти без документи, овозможувајќи им дозволи за престој и работа. Потегот доаѓа во време кога повеќето европски држави ги заоструваат имиграциските политики, а според „Ројтерс“, станува збор за еден од најголемите вакви потези во поновата историја на ЕУ.
Министерката за миграција, Елма Саиз, изјави дека со оваа мерка мигрантите ќе добијат можност легално да работат „во кој било сектор и во кој било дел од земјата“, што според владата ќе помогне во решавање на сериозниот недостиг од работна сила и стареењето на населението.
Кој ќе може да добие дозвола?
Мерката се однесува на странци кои:
- живееле во Шпанија најмалку пет месеци до 31 декември,
- поднеле барање за меѓународна заштита,
- немаат криминално досие,
- не претставуваат безбедносна закана.
Дозволите ќе важат и за нивните деца кои веќе престојуваат во земјата. Аплицирањето ќе започне во април и ќе трае до крајот на јуни.
Влада без поддршка од парламентот
Одлуката ќе биде донесена со владина уредба, без гласање во парламентот, каде што социјалистичката коалиција нема апсолутно мнозинство. Овој чекор дополнително ја засили политичката поларизација во земјата.
Конзервативната опозиција жестоко реагираше. Лидерот на Народната партија, Алберто Нуњез Фејхо, порача дека „во социјалистичка Шпанија нелегалноста се наградува“ и предупреди дека мерката ќе ги преоптовари јавните служби.
Поддршка од Црквата, жестоки реакции од десницата
Шпанската католичка црква, пак, ја поздрави одлуката, оценувајќи ја како „чин на социјална правда“. Премиерот Педро Санчез подолго време истакнува дека без мигранти земјата нема да може да го одржи економскиот раст и пензискиот систем.
Според официјалните податоци, во последниот квартал од 2025 година, повеќе од две третини од нововработените биле странци, што дополнително ја засилува аргументацијата на владата.
Колку мигранти живеат во Шпанија?
Според аналитичкиот центар „Функас“, во земјата моментално живеат околу 840.000 недокументирани мигранти, најмногу од Латинска Америка. Вкупниот број странски државјани надминува седум милиони, од вкупно 49,4 милиони жители.
Шпанија останува една од главните влезни точки за мигранти во Европа, особено преку Канарските Острови, каде секоја година пристигнуваат десетици илјади луѓе бегајќи од сиромаштија, војни и прогон.