Шпанија планира да го забрани пристапот до социјалните мрежи за малолетници под 16 години, додека платформите ќе бидат обврзани да воведат системи за верификација на возраста, изјави премиерот на земјата Педро Санчез, откривајќи низа мерки насочени кон создавање безбедна дигитална средина.
Левичарската коалициска влада на Санчез долго време предупредува за ширењето на говор на омраза, порнографска содржина и дезинформации на социјалните мрежи, оценувајќи дека таквата содржина има штетно влијание врз младите луѓе.
„Нашите деца се изложени на простор во кој никогаш не биле наменети сами да се движат. Ние повеќе нема да го прифатиме тоа“, рече Санчез на Светскиот самит на влади во Дубаи, повикувајќи ги другите европски земји да воведат слични мерки.
„Ќе ги заштитиме од дигиталниот Див Запад“, додаде тој.
Во декември, Австралија стана првата земја што ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години, потег што внимателно го следеа и други земји кои размислуваат за слични мерки засновани на возраст, како што се Велика Британија и Франција.
Шпанија се приклучи на „Коалицијата на дигитално определените“
Санчез рече дека Шпанија се приклучила на пет други европски земји во она што тој го нарече „Коалиција на дигитално определените“, чија цел е да координира и спроведува прекугранична регулатива.
Првиот состанок на коалицијата ќе се одржи во наредните денови, рече Санчез, но не прецизираше кои земји учествуваат, додека неговиот кабинет не одговори веднаш на барањето за дополнително појаснување.
„Свесни сме дека ова е борба што оди далеку надвор од границите на која било поединечна држава“, рече тој.
Следната недела, Шпанија, исто така, ќе презентира нацрт-закон со кој менаџерите на социјалните мрежи ќе бидат одговорни за нелегална и омразна содржина, како и за криминализирање на алгоритамската манипулација и засилување на нелегалната содржина, додаде Санчез.
Меѓу предложените мерки е систем за следење на говорот на омраза на Интернет, додека платформите ќе мора да воведат проверка на возраста што „нема да биде едноставно поле за штиклирање“, нагласи премиерот.
Тој додаде дека неговата влада ќе го започне законодавниот процес од следната недела.
Санчез, рече дека и обвинителите ќе разгледаат начини за истрага на можни законски прекршувања од страна на платформите Grok, во сопственост на Илон Маск, како и TikTok и Instagram.