Шпанската полиција уапси 13 лица, осомничени за врски со венецуелската банда „Трен де Арагуа“

Како дел од операцијата, шпанската полиција соопшти дека разбила и две лаборатории за производство на туси – смеса од кокаин, екстази и кетамин.

Шпанската полиција денеска уапси 13 лица осомничени за припадност на венецуелската криминална банда „Трен де Арагуа“, соопштија властите.

Апсењата се извршени во градовите Барселона, Мадрид, Жирона, Ла Коруња и Валенсија. Ова е прва операција во Шпанија за разбивање на наводна ќелија на венецуелската криминална банда, која во февруари беше означена од Владата на САД како странска терористичка организација, се нагласува во полициското соопштение.

Бандата стана клучна цел во воените напади на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врз бродови осомничени за превоз на дрога во источниот дел на Тихиот Океан и Карипското Море, како и во борбата против илегалната имиграција во САД.

Како дел од операцијата, шпанската полиција соопшти дека разбила и две лаборатории за производство на туси – смеса од кокаин, екстази и кетамин. Исто така, конфискувани се други синтетички дроги и кокаин.

Апсењата се резултат на истрага започната од шпанската полиција минатата година, откако во Барселона беше уапсен братот на Нино Гереро, лидерот на „Трен де Арагуа“, по меѓународна потерница издадена од венецуелските власти.

Бандата е формирана пред повеќе од една деценија во познат затвор во централната сојузна држава Арагуа. Се прошири во последните години, откако повеќе од 7,7 милиони Венецуелци избегаа од економската криза во САД, Латинска Америка и Шпанија.

Зачлени се на нашиот е-билтен