Неколку стотини шпански музичари, писатели и актери, вклучително и филмскиот режисер Педро Алмодовар, објавија манифест во кој бараат итен прекин на израелските напади врз Појасот Газа, во кој досега загинаа околу 19.000 палестински цивили.
„Израел врши воени злосторства пред кои не можеме да останеме пасивни“, се вели во манифестот објавен во шпанскиот дневен весник „Ел Паис“. „Израел, под политичка, дипломатска, економска и воена заштита на САД, е одговорен за 75 години војна, геноцид и апартхејд“.
Писмото со наслов „Војната мора да се запре – ниту тероризам ниту геноцид“ го потпишале 542 лица од 140 организации. Меѓу нив се познатите шпански актери Луис Тосар, Клара Лаго и Антонио де ла Торе, пејачката Амарал и Розален и писателите Клара Усон и Мануел Ривас.
Тие бараат од Израел „веднаш да го запре бомбардирањето, да го почитува меѓународното право и да отвори хуманитарен коридор“ во Појасот Газа. Од Хамас бараат „престанок на терористичките напади и ослободување на заложниците“. Уметниците го осудија „терористичкиот напад на Хамас“ извршен на 7 октомври и порачаа дека тоа не треба да биде изговор за Израел да ја продолжи својата повеќегодишна „окупација“, „протерување“ и „геноцид“ врз палестинскиот народ.
Манифестот содржи дел од познатата слика Герника на Пабло Пикасо, антивоен симбол на сите времиња кој ги прикажува ужасите на уништувањето.
Досега манифестот го поддржале 10.327 луѓе од 32 земји, објави Ел Паис.
Во него, потписниците предлагаат „зголемување на меѓународниот притисок за постигнување итен прекин на огнот“. Тие бараат Обединетите нации да посредуваат во конфликтот, што „мора да заврши со решение со две држави“, при што Израел и Палестина да живеат во мир и безбедност.