Алатката, којашто популарно беше прифатена како „балансер“, беше воведена во 2016 година за да помогне за соодветна и правична застапеност на етничките заедници при вработувањата во администрацијата изминативе години често беше мета на критики и укажувања дека се злоупотребува.
Соодветната и правична застапеност на етничките заедници при вработувањата во администрацијата беше една од точките на Охридскиот рамковен договор и по усвојувањето на Уствните амандмани во 2001 година и последователните реформи, без сомнение, значително се зголеми бројот на припадниците на немнозинските заедници во јавната администрација. Со тоа се зголеми бројот на вработените во јавниот сектор и според стандардите Северна Македонија доби умерено голем јавен сектор, а мала стапка на задоволство кај граѓаните од користењето на јавните услуги на централно и на локално ниво.
Определбата за постигање соодветна и правична застапеност на немнозинските заедници се рефлектира врз исполнувањето одредени прагови за нивно вработување (присуство) во јавниот сектор а таа се постигнува преку соодветни методологии за вработување во јавен сектор. Воведувањето на методологиите и на инструментите резултираше со поголема етничка застапеност на различни групи граѓани во органите на централната власт, во органите на единиците на локалната самоуправа и во јавниот сектор во целина.
Според Извештајот од Регистарот на вработените во јавниот сектор за 2022 година, што го водеше тогашното Министерството за информатичко општество и администрација, на 31 декември 2022 година 71,36% од вработените биле Македонци; 21,60% Албанци; 2,42% Турци; 1,49% Роми; 1,40% Срби; 0,74% биле други, односно не се изјасниле; 0,52% биле Бошњаци и 0,48% Власи (Извештај од Регистарот, 2022). Изразено во бројки, зголемена е застапеноста на немнозинските заедници во јавниот сектор во споредба со претходните години, односно, за илустрација: – во 2007 година Албанците биле застапени со 10,8 %, а во 2021 година тој процент бил 20,6; – Турците биле застапени со 1,1 %, а во 2021 година со 2 %; – Ромите биле застапени со 0,8 %, а во 2021 година со 1,3 %; – Власите останале на исто ниво, а кај Бошњаците, пак, застапеноста се зголемила од 0,3% на 0,5%.
Сепак, напредокот не беше изедначен, а не се подобри ниту ситуацијата со степенот на задоволството на граѓаните од услугите на јавната администрација. Напротив, оценките се влошија во сите сектори, институции и власти.
Покрај постигнатите важни промени, при спроведувањето на политиките што произлегоа од ОРД, инструментот „балансер“ се сметаше за отскочна штица за членовите на политичките партии кои се на власт и затоа е основа за многу злоупотреби.
Со промената на власта оваа година „балансерот“ брзо стана тема со укажувања дека ќе биде укинат поради злоупотреби. Во Министерството за јавна администрација (МЈА) од вкупниот број вработени административци, 43 отсто се од етничките заедници и ова е предмет на ревизија, најави министерот за јавна администрација Горан Минчев.
„Балансерот во минатото беше предмет на злоупотреби. Имавме случаи каде етнички Македонци се пишуваа Албанци и каде етнички Албанци се пишуваа Македонци. Имавме и случаи каде припадници на други етнички заедници се пишуваа Македонци. Јас тоа можам да го конкретизирам и со актуелниот случај, согласно новата систематизација и бројот на вработени во новото МЈА каде од вкупниот број вработени кои припаѓаат на јавната администрација, 43 отсто се од етничките заедници“, рече тогаш Минчев.
Минчев аргументираше дека според Законот за вработените во јавниот сектор алатката балансер се применува само за граѓаните кои живеат на територијата на земјава – а не и за оние од дијаспората. Со пресметките на министерот врз основа на процентот на резидентно население во земјава, излезе дека застапеноста на Албанците во администрацијата не треба да биде 29,5 проценти туку 24,3 проценти.
Овие политички математики предизвикаа жестоки реакции кај партиите од албанската етничка заедница. Од ВЛЕН обвинија дека „кадрите на ЗНАМ имаат погрешна проценка дека ќе го создаваат својот политички идентитет на антиалбанска доктрина“. А од ДУИ порачаа дека е тоа поткопување на Охридскиот договор.
Видливо спротивставените ставови предизвикаа мала криза во владината коалиција, но многу бргу, со интензивна комуникација, разликите се избалансираа, па наеднаш ВЛЕН го промени ставот и изјавија дека не се против укинување на балансерот, туку нивната заложба е во правец на натамошно јакнење на гаранциите дека Албанците ќе имаат пристап до јавните служби.
„Ние сметаме дека балансерот е нефункционално решение кое стана предмет на злоупотреба на Македонците, кои за да се вработат во јавната администрација се пишуваат Албанци. Затоа, неопходен е Закон за правична застапеност кој ќе овозможува Албанците да бидат дел од сите институции врз основа на квалитет, интегритет, стручност“, напишаа од ВЛЕН во едно нивно соопштение.
Но, само што се потсмирија духовите меѓу коалицинионите партнери во Владата, Уставниот суд повторно ја вознемири хармонијата меѓу нив.
Уставниот суд на 18 септември на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Судот по неколкучасовна расправа, донесе одлука да поведе постапка за одредби од Законот за вработени во јавниот сектор – (Член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“), Законот за административни службеници – (Член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“), Правилникот за задолжителни елементи во јавниот оглас при вработување во јавен сектор – (член 2 став 1 алинеја 8 во делот „припадноста на заедницата/заедниците“, член 2 став 2 и 3 член 3, став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“), Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор – (член 3 став 1 алинеја 8), како и Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно со начелото за соодветна и правична застапеност, како и формата, содржината и образецот на годишниот план за вработување и извештајот за реализација на годишниот план за вработување.
Како што беше најавено, Уставниот суд денеска на седница ќе треба да донесе конечна одлука по предлог постапката за оценување на уставноста и законитоста на „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции.