Што е член 4 на НАТО и кога бил повикан до сега

Кога Варшава ноќеска ги крена пресретнувачите и ги урна беспилотните летала што навлегоа во полскиот воздушен простор, премиерот Доналд Туск не ја избра реториката на паника, туку правната „сирена“ на Алијансата: Член 4. Со тоа Полска го отвори осмиот случај во историјата на НАТО кога една членка бара итни консултации заради загрозена безбедност — формула што не е колективна одбрана, но е јасен политички аларм.

Член 4 ретко влегува во насловите, но секогаш стои зад најтешките одлуки. Во 2003 таа правна запирка му овозможи на НАТО да ја брани Турција без да ја вовлече целата Алијанса во Ирак. Во 2012 и 2015 ја држеше тенката линија меѓу солидарност и ескалација со Сирија и Русија, претворајќи ја „политичката консултација“ во конкретни батерии „Патриот“ и 24/7 небо со AWACS. Во 2014 и 2022, Член 4 беше мостот меѓу шокот и дејството: прво политичка координација, па оперативно засилување на источниот фронт.

Денес, Полска покажува дека инструментот и понатаму функционира — предупредува без да запали црвен аларм. Но искуството и со Сирија, и со Украина, кажува едно: вистинскиот тест не е во формулата на членот, туку во логистиката што следи. Ако консултациите брзо се претворат во погуста ПВО-мрежа, јасни правила за пресретнување и ротации што не го празнат арсеналот, одвраќањето ќе остане веродостојно. Ако, пак, се заглават во коминикеа и прес-конференции, противникот ќе го чита тоа како повик да ја тестира линијата уште еднаш — и уште подлабоко.

Историја на активирања на Член 4

1) Турција, 10 февруари 2003 — Ирачка криза
Анкара побара консултации стравувајќи од прелевање на војната од Ирак. НАТО одговори со Operation Display Deterrence: распоред на AWACS и „Патриот“ за заштита на турскиот простор (26 февруари – 3 мај 2003).

2) Турција, 26 јуни 2012 — Соборениот турски извидувачки авион
Откако сириската ПВО урна турски RF-4 над Медитеранот, Турција повика се повика на Член 4. НАТО изрази солидарност и осуда, без префрлање кон Член 5.

3) Турција, 3 октомври 2012 — Акчакале, сириско гранатирање со жртви
По смртоносното паѓање на сириски гранати во Акчакале, Анкара повторно активираше Член 4. Следеше одлука за засилување на турската против воздушна одбрана и распоред на „Патриот“ како дел од Operation Active Fence.

4) Полска, 4 март 2014 — Крим и руската агресија во Украина
Варшава побара консултации заради драматичната промена на безбедносната слика. НАТО се состана под Член 4 и ги прошири уверувачките мерки на источниот фронт.

5) Турција, 28 јули 2015 — Ескалација со ИСИЛ/ПКК и нападот во Суруч
По внатрешни и гранични потреси, Турција формално побара Член 4; Северноатлантскиот совет заседаваше и изрази солидарност со Анкара.

6) Турција, 28 февруари 2020 — Идлиб, загинати турски војници
По тежок воздушен удар кај Идлиб, Анкара активира Член 4. НАТО потврди поддршка и дополнително засилување на турската воздушна одбрана.

7) Осум источни членки, 24 февруари 2022 — Почеток на целосната инвазија на Украина
Бугарија, Чешка, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Романија и Словачка колективно побараа Член 4. Алијансата ги активираше одбранбените планови и масовно го засили присуството на исток.

8) Полска, 10 септември 2025 — Руски дронови над Полска
По 19 нарушувања на воздушниот простор и неколку соборени цели, Полска побара итни консултации под Член 4. НАТО и европските лидери реагираа со солидарност и најави за проценка и засилување на одбраната.

Зачлени се на нашиот е-билтен