Вечерва авиосообраќајот на скопскиот аеродром е нарушен поради влошени временски услови и појава на опасен метеоролошки феномен „wind shear“, кој претставува сериозен ризик при слетување.
Според првичните информации, најмалку два лета – од Истанбул и од Венеција – не успеале безбедно да пријдат кон скопската писта и биле пренасочени кон Приштина.
Особено драматична била ситуацијата со летот од Венеција, кој повеќе од еден час кружел над Скопје пред екипажот да донесе одлука за пренасочување.
Нарушувањата во авиосообраќајот продолжуваат, а патниците се очекува да добијат дополнителни информации од своите авиокомпании. објави Скопје1.мк
Феноменот „wind shear“, претставува промена на брзината или на насоката на ветерот на релативно кратко вертикално или хоризонтално растојание во атмосферата. Ова претставува варијација на брзината на ветерот, што вклучува и магнитуда (брзина) и насока.
Оваа промена може да се случи вертикално во висина или хоризонтално низ истото ниво. За разлика од постепените промени на ветерот во големи размери, „стружењето на ветерот“ се однесува на овие релативно нагли разлики во брзината на ветерот во ограничени просторни размери.

