Фридрих Мерц некако стигна до позицијата Канцеларството. Но, коалицијата на Демохристијаните и Социјалдемократите веднаш се соочува со огромни предизвици – од рецесијата, преку буџетот, па сè до Трамп и Путин.
Не започна како што замислуваше Фридрих Мерц. Тој е првиот канцелар во германската историја кој не доби мнозинство во првиот круг на гласање во Бундестагот, бидејќи дел од пратениците на владејачката коалиција не гласаа за него. Сепак, беше избран во вториот круг. Тоа ќе го отежне стартот на новата влада, која нема време за губење.
Новата коалиција сака уште на самиот почеток да направи јасна разлика во однос на претходната „семафор-коалиција“ на Олаф Шолц (СПД, Зелените и Либералите).
„Заокретот кој многу граѓани го посакуваа, веќе е запишан во овој документ“, изјави лидерот на баварските Христијанско-социјалистичка унија (ЦСУ), Маркус Зедер, при потпишувањето на коалицискиот договор со сестринската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и Социјалдемократите.
„Зајакнување на економијата, ограничување на нелегалната миграција, повторно воведување ред во Германија и нов поттик за развој“, додаде Зедер. Тоа, според него, треба да се спроведе „со полна пареа“.
СПД – од прв до втор ред
Кај Социјалдемократите (СПД), пак, речиси и да не се чувствува желба за суштинска промена на политиките за кои беа одговорни изминатите три и пол години како водечка партија.
Особено во социјалната политика, тие се против ригорозни кратења.
Канцеларската функција сега повторно ја презема ЦДУ – нејзиниот лидер Фридрих Мерц станува шеф на владата, а лидерот на СПД, Ларс Клингбајл, станува вицеканцелар и министер за финансии.
Вкупно ќе има 17 министерства – по седум за ЦДУ и СПД, и три за ЦСУ. Забележливо е дека ЦДУ избра главно правници за свои министри, додека СПД номинира значително повеќе жени од мажи.
Најголем противник – АфД
Сојузот на ЦДУ, ЦСУ и СПД е коалиција од нужда – резултат на изборни резултати што не дозволија ниту една друга мнозинска влада без учество на Алтернатива за Германија (АфД).
Но, за време на коалициските преговори, страните се зближија, нагласи Мерц при потпишувањето на договорот.
Еден од клучните цели е да се спречи натамошниот подем на АфД, која Службата за заштита на уставниот поредок ја класифицира како „десноекстремна“.
Министерот за внатрешни работи во најавената влада, Александар Добринд (ЦСУ), изјави дека тоа ќе се постигне преку „добра и успешна владина политика“, наместо преку иницирање забрана на партијата.
Повеќе контроли и депортации
Коалицијата најави заострување на миграциската политика. Од среда (7 мај), се воведуваат построги контроли на сите германски граници и враќање на лица без валидни документи.
„Задачата на полицијата е да спречи нелегални преминувања во Германија, а сега таа задача е нагласена уште посилно“, рече Добринд.
Во акцијата ќе бидат вклучени околу 11.000 федерални полицајци, заедно со илјадници дополнителни службеници, вклучително и за воздушен надзор. Целта е побрзо откривање на криумчари на луѓе и адаптација на новите миграциски рути.
Неколку германски сојузни покраини, како Бранденбург, Саксонија и Баварија, кои граничат со Полска, Чешка и Австрија, веќе ги поддржуваат овие мерки.
Критики дојдоа од соседните земји, но Добринд уверува: „Сите разговори кои ги водев последниве денови покажуваат јасно разбирање за новиот германски став кон илегалната миграција – многумина велат дека беше крајно време.“
Германија без буџет
На внатрешнополитички план, министерот за финансии Ларс Клингбајл веднаш се соочува со предизвик – мора што побрзо да го претстави сојузниот буџет за тековната година.
Претходната влада не успеа да го усвои буџетот во ноември 2024, по што и се распадна. Доцни и нацрт-буџетот за 2026 година.
Планираниот специјален фонд од 500 милијарди евра за инвестиции – финансиран преку задолжување – треба да ѝ помогне на владата да инвестира во модернизација: училишта, железници, безбедност, брз интернет, климатска заштита, енергија, мобилност и ново домување.
Премногу пензионери, премалку работници
И покрај тоа, владата ќе мора да штеди. Новите задолжувања ќе бидат дозволени само за инвестиции, а не за социјални трансфери. Но токму социјалните трошоци растат најбрзо – поради стареењето на населението.
Секој четврти евро од буџетот оди како субвенција за пензиските фондови. СПД инсистира на стабилност на пензиите, но реформата е неминовна.
Дополнително, трошоците за здравство и заштита на стари лица се зголемуваат.
Во таа насока, многу ќе зависи од развојот на германската економија, која третата година по ред е во рецесија. Затоа, јакнењето на економијата е приоритет број еден.
„Благосостојбата мора да се заработи“, рече Клингбајл. „Овој коалициски договор е јасен сигнал за зајакнување на индустријата, привлекување на идни технологии и поддршка на брендот ‘Made in Germany’.“
Трамп, Путин и глобалните предизвици
Надворешната политика останува голем предизвик. По новиот курс на американскиот претседател Доналд Трамп и руските закани, Германија мора повторно да ја дефинира својата улога во Европа и светот.
Фридрих Мерц, познат европеист и поддржувач на трансатлантската соработка, го постави тоа како приоритет.
„Европа очекува од нас повторно да дадеме силен придонес за успехот на европскиот проект“, рече Мерц.
На Канцеларството ќе се формира Национален совет за безбедност, кој ќе ги координира клучните надворешнополитички и безбедносни одлуки.
На своето прво меѓународно патување, Мерц ќе оди во Париз, каде ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон. Потоа следува и посета на Варшава – темите ќе бидат миграцијата и европската политика за азил.
Министерот Добринд истовремено ќе ги посети Франција и други соседни земји за да води преговори за заеднички пристап кон овие предизвици.