Што крие премиерот Мицкоски?

Мицкоски

По враќањето од Светскиот економски форум во Давос (19–23 јануари 2026), премиерот Христијан Мицкоски на јавен настап изјави дека „не бил статист“ и дека бил активен учесник на три панели, додавајќи дека е „штета што не можеме да ги објавиме моите говори“, но дека „сите беа проследени со аплауз од страна на присутните“.

Токму оваа реченица – дека говорите не можат да се објават – отвори поголемо прашање од дневната партиска расправија: што точно се кажувало, во каков формат и зошто јавноста треба да остане без увид во пораките што премиерот тврди дека ги испратил на еден од најважните глобални форуми.

Бидејќи, кога премиер зборува на меѓународен настан со јавен карактер, основното правило на демократијата е транспарентност: говорите, позициите и ветувањата мора да бидат проверливи, освен ако има јасна, образложена безбедносна причина за ограничување.

Владата и нејзината служба за односи со јавност има повеќе од јасен мандат! Секој владин функционер што говори и троши државни патувања, посебно на јавни настани кои чинат десетици илјади евра е на отчет на јавноста и истите се комуницираат.

Оти потрошените пари треба да бидат за јавно добро, посебоно на вработените во Владата чии плати надминуваат 60.000 денари месечно од нашите пари, плус придонеси.

Кога владата сама ја користи фразата „штета што не можеме да ги објавиме“, таа всушност признава дека јавноста заслужува да ги види тие пораки, но дека некој одлучил да ги задржи зад затворена врата.

Ако причината е протоколарна – „така е правилото“ – тогаш е на премиерот да објасни со едноставни факти: на кои три панели учествувал, дали биле „on the record“ или „Chatham House“, која била темата, кои биле целите на учеството и кои конкретни обврски или контакти произлегле. Во спротивно, впечатокот што останува е дека „тајноста“ е избор, не обврска – и дека се крие или содржината, или резултатот.

Во земја каде домашната политика често се води преку впечаток и фрази, Давос не смее да биде уште една сцена за самопофалби без доказ. Ако навистина имало „аплауз“ и силна презентација, наједноставниот начин тоа да се потврди е Владата да ги објави клучните поенти: што точно му е понудено на светот како „Македонија“, што точно е побарано од инвеститорите, и што точно ѝ е ветено на јавноста кога се зборува за „стратешки инвестиции“ и „брза реализација“.

Додека тие одговори изостануваат, логичното прашање останува да виси: што крие премиерот и зошто јавноста треба да верува на „аплауз“, ако не смее да го слушне зборот?

Зачлени се на нашиот е-билтен