Што можеме да научиме од мајмунчето Панч кое вирално го обиколи светот

Photo: Ichikawa City Zoo

Мајмунчето Панч, млад јапонски макак во градската зоолошка градина Ичикава кај Токио, вирално го обиколи светот по снимките на кои се гледа како се приврзува за плишан орангутан, откако мајката го напуштила по раѓањето. Приказната доби глобално внимание преку објави на зоолошката и медиумски текстови, а во фокусот брзо влезе прашањето што всушност гледаме: „слатка“ интернет-содржина или жива лекција за приврзаност, адаптација и социјализација.

Според Ројтерс, зоочуварите реагирале брзо бидејќи младите макаци вообичаено се држат за мајката и за чувство на сигурност и за развој на мускулатурата. Тие пробале повеќе замени, вклучително и завиткани пешкири и други играчки, а на крај избрале плишан орангутан од ИКЕА затоа што има подолги влакна и повеќе точки за фаќање, со идеја тоа да му помогне и подоцна полесно да се интегрира во групата.

Една од првите работи што може да се види во приказната за Панч е колку брзо интернетот создава колективна емоција. Cosmopolitan опишува како фотографиите и видеата со Панч предизвикале масовна емпатија, мемиња и реакции, а истовремено ја отвораат и границата меѓу човечкото сочувство и проектирањето човечки значења врз животинско однесување.

Втората лекција е дека адаптацијата не изгледа „убаво“ во секој момент. Во видеата што се проширија онлајн се гледа дека Панч понекогаш е оттурнуван или укоруван од други мајмуни, но зоолошката, појаснува дека токму таквите реакции се дел од учењето како да се живее во група. Во истите објаснувања се наведува дека Панч по вакви моменти се враќа кај плишаната играчка за смирување, а потоа повторно се обидува да контактира со другите мајмуни.

Третата работа што приказната ја покажува е како виралноста може да го смени и реалниот простор, не само дигиталниот. Посетителите почнале масовно да доаѓаат во зоолошката за да го видат Панч, а се создале и долги редици, дополнителен притисок врз малата зоолошка а напоредно се забележал и раст на продажбата на истиот модел плишан орангутан, кој во дел пазари бил и распродаден.

Четвртата лекција е поврзана со тоа што многумина инстинктивно го препознаа како „потреба од утеха“. Вашингтон пост пренесува и ставови од еволуциската биолошка Џоан Силк, која потсетува дека приврзаноста и чувството на сигурност не се споредни, туку клучни за развојот и социјалното однесување кај приматите. Во истиот контекст, пораката не е дека Панч треба да остане изолиран со играчката, туку дека вистинскиот напредок е во тоа дали групата ќе го прифати и дали ќе воспостави живи социјални врски.

Оттука, приказната за мајмунчето Панч не е само вирален „сладок“ момент, туку и редок јавен увид во процес што обично не го гледаме одблизу: како едно младо животно, со помош од луѓе, постепено учи да се врати во сопствената заедница. Последните објави и извештаи укажуваат дека Панч постепено напредува во социјализацијата, што ја поместува приказната од чиста тага кон внимателно следен процес на адаптација.

Зачлени се на нашиот е-билтен