Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Што направи Финска за да го намали бројот на сообраќајни несреќи

Во изминатите десет години Финска успеа да го намали бројот на загинати на патиштата за 29 проценти. Просечниот пад на бројот на загинати во сообраќајни несреќи во целата Европска Унија изнесува 16 отсто.

Финска го постигна овој успех благодарение на низа мерки, од спуштање на ограничувањето на брзината во урбаните подрачја и инсталирање автоматски камери за мерење на брзината на речиси 3.000 километри од главните улици, до изградба на пешачки и велосипедски патеки и 400 километри автопатишта.

Поради сето тоа, оваа земја годинава ја освои наградата Индекс на ефикасност во сигурноста во патничкиот сообраќај (ПИН) за неверојатен напредок во безбедноста на улиците. Веста за наградата летово ја објави Европскиот совет за безбедност во сообраќајот, непрофитна организација од Брисел.

– Во Финска постои израз „несреќите не доаѓаат најавени“. Тоа може да биде објаснување зошто Финците имаат толку сеопфатен и стратешки пристап со кој сакаат да покријат што е можно повеќе различни аспекти од опасностите на улиците – истакнува Антонио Авеносо, извршен директор на Советот.

Моменталната стратегија ја предводи таканаречениот пристап „Вижн зиро“, кој ги зема предвид и човечките грешки, а кој првпат е имплементиран во Шведска уште во 90-тите години. Целта на иницијативата е да се елиминираат сите смртни случаи и сериозни повреди на патиштата со создавање неколку слоеви на заштита. Ако еден не успее, друг ќе ги намали последиците од несреќата. Подобрувањата би требало да создадат посигурни патишта, возила, посигурна брзина и подобра нега по несреќата.

Покрај намалување на брзината и воведување инфраструктурни подобрувања и камери за мерење на брзината, истражувачите велат дека Финците сакаат да инкорпорираат уште цела низа мерки. Меѓу нив се и:-Подобрување на вештините на различни патници на различна возраст. Тоа вклучува и анализа на бројот на школи што нудат образование за сообраќајот на деца на училишна возраст, како и бројот на несреќи во кои жртвите се деца или млади;

-Земање предвид на менталното здравје. Финска и Естонија се единствените две земји од ЕУ кои во статистиките за смрт на патиштата вклучуваат и самоубиства;

-Поддршка за носење кацига на мотоцикл и мопед. Стапките се меѓу 99 и 100 отсто;-Овозможување на полицијата да спроведува случајни тестирања на возачи на дрога и алкохол.

Во Финска стапката на возење под дејство на алкохол е многу пониска од просекот на ЕУ, а големо мнозинство граѓани сметаат дека тоа ризично однесување не е прифатливо. Блокадите во случај на возење под дејство на алкохол мора да се инсталираат во сите школски автобуси и такси-возила во земјата, како и во возила на лица осудени за возење под дејство, во рамките на долготрајна програма за рехабилитација, која се користи наместо забрана за возење.

-Напорите не престануваат ниту кога ќе дојде до несреќа. Финска е единствената земја во Европа која спроведува детална истрага за секоја несреќа со смртен исход – вели Авеносо.

Финска ја доби наградата во исто време кога беше објавен извештај што покажува дека лани на патиштата во ЕУ загинале 20.418 лица, што е само 1 процент помалку од 2022 година. За да се намали тој јаз меѓу успехот на Финска и стагнацијата во останатиот дел од ЕУ, ЕТСЦ повикува на основање агенција за безбедност на патиштата на ЕУ која би вршела надзор над воведувањето автоматизирани возила, како и овластувања за истражување незгоди, приспособување на регулацијата за безбедност на возилата поради брзиот развој на технологијата и подобрување на инспекциите што би осигурувале одржување на тие технологии.

Извор: Forbes

Зачлени се на нашиот е-билтен