Што остана од „Европа“ во Преспа?

Некогаш елитен, полн со живот, смеа и гости од цела Југославија, хотелот „Европа“ во Отешево денес стои како нем сведок на едно поинакво време. Демолиран, оголен и оставен на забот на времето, објектот со еден од најубавите панорамски погледи кон Преспанското Езеро, Пелистер и Галичица, денес е само купишта бетон и спомени.

Екипата на Рацин беше на лице место, меѓу распаднатите ѕидови и тивките ходници, за да ја документира судбината на хотелот кој со децении беше гордост на Преспа. Фото-сторијата што ја направивме не е само приказ на руини – таа е сведоштво за изгубени животи, изгубени детства и изгубени можности.

„Оваа убавина, ова езеро… навистина е штета“, ни вели Ванчо Василевски од Стење, кој со години работел како угостител во хотелот. Се сеќава дека од „Европа“ живееле околу 60 семејства, а послугата доаѓала и од Србија и од Албанија.
„Хотелот работеше додека беше Југославија. Потоа намерно го запалија – не многу, туку колку да го затворат. И тука заврши сè“, раскажува тој.

Додека ја фотографиравме зградата, покрај нас помина повозрасен човек. Застана, погледна кон остатоците и тивко рече дека одвреме-навреме доаѓа тука – да се присети. Токму овде ја запознал сопругата. „Многу ми е жал што веќе 20 години се распаѓа“, додаде, па продолжи по патеката покрај езерото.

Во 2005 година дел од хотелот изгоре под сомнителни околности. Она што го поштеди огнот, го уништија крадците – врати, прозорци, плочки, инвентар. Сè што можеше да се однесе, исчезна.

Хотелот ја менуваше сопственоста, а со неа и празните ветувања. Во 2006 година објектот го купи португалска компанија, со најави за луксузен комплекс – но ништо не се случи. Десет години подоцна, нов сопственик стана инвеститор од Обединетите Арапски Емирати, но распаѓањето продолжи.

Ресенскиот градоначалник Јован Тозиевски вели дека комуникацијата е исклучително тешка.
„Преспа е специфичен микрорегион – меѓу два национални парка, со езеро, чист воздух, граници, скијачки терени. Се надеваме дека сопствениците ќе го согледаат потенцијалот и ќе го стават објектот во функција. Но комуникацијата оди преку адвокатски друштва и е многу отежната“, вели Тозиевски.

Она што останува како отворено прашање не е само кога и дали хотелот ќе се обнови, туку и дали државата има механизми да ги заштити ваквите локации од целосно исчезнување. Објекти што со децении не се користат, а се на исклучително атрактивни места, бараат јасна законска рамка – рокови, одговорност и можност, ако нема интерес, да преминат во рацете на државата или нов сопственик што ќе ги стави во функција.

Зашто хотел „Европа“ е место каде што многу деца го поминале детството, каде се раѓале љубови, се граделе пријателства и се живеело од туризмот. Денес, тие приказни живеат само во спомените на луѓето – и во фотографиите.

Додека „Европа“ тивко исчезнува, останува надежта дека овие слики ќе бидат потсетник дека ваквите места не смеат да се заборават – ниту да се остават да умрат во тишина.

Зачлени се на нашиот е-билтен