Терминот ангели инвеститори (бизнис ангели) ги влече своите корени од Бродвеј, САД, а се препишувал на богатите луѓе кои обезбедувале финансии за тетарските претстави.
Бизнис ангелите всушност инвестираат одреден процент од своите пари во бизнис проекти или старт-ап програми. Во САД, на пример, таа сума се движи од 150.000 долари, па сè до 2 милиони долари. Овие инвеститори се најчесто луѓе кои се долги години на одговорни позиции во големи корпорации, кои освен финансии можат исто така да обезбедат и корисни совети и да ги упатат младите претпирмачи во бизнисот.
Поради тоа што ваквиот тип на инвестирање може да биде ризичен, бизнис ангелите не инвестираат повеќе од 10% од сумата предвидена за инвестиции. Она што бизнис ангелите бараат е одличен тим и добар пазар, преку кој можат, во најдобар случај, да ги повратат вложените пари повеќекратно во рок од 5 години.
Овие инвеститори особено се заинтересирани за старт-ап бизниси од следниве индустрии: Интернет технологии (37,4%), Здравство (23,5%), Телекомуникации (10,4%), Енергија и комунални услуги (4,3%), Електроника (4,3%), Производи за широка потрошувачка (3,5%), други индустрии (16,5%).
Бизнис ангелите можат да дејствуваат индивидуално или во групи. Оние бизнис ангели кои се дел од група, следат одредени протоколи и настани во рамки на членството. Покрај тоа тие секоја година мораат да инвестираат одредена сума од своите финансиски средства. Во САД и Канада постојат повеќе од 330 вакви групи. Во просек тие разгледуваат околу 80 зделки месечно.
За разлика од инвестирањето во јавни пазари (сектори), инвестирањето во старт-ап компании му дава можност на инвеститорот односно бизнис ангелот шанса да комуницира со тимот, како и можност да биде значаен дел од развојот на компанијата.
Како што информираше министерот Бесар Дурмиши, Министерството за економија и труд веќе направил конкртени чекори во оваа насока преку кофинансирање проекти поврзани со мрежите на бизнис ангели. Според оваа мерка, Министерството кофинансира 70% од докажаните трошоци, но не повеќе од 350.000 МКД (околу 5.600 евра) поединечно за секоја мрежа апликант.
Поради клучната улога што ја имаат ангели инвеститори, конечно во Македонија ќе се подготви закон со кој искусни бизнисмени ќе се мотивираат да инвестираат во нови потфати.
-Законот што се изготвува ќе дефинира кој може да стане бизнис ангел и под кои услови може да работи, кои се придобивките и процедурите. Наведени ќе бидат даночните и другите олеснувања на кои ќе имаат право бизнис ангелите. Донесувањето на оваа законска рамка е од клучно значење не само за охрабрување повеќе поединци да станат бизнис ангели, туку и за обезбедување транспарентност и одговорност во овој процес – посочи министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Тој додаде дека бизнис ангелите не се само извори на финансирање, туку и катализатори за иноваци. Нудат пари, но со парите нудат и искуство, експертиза за малите и средните претпријатија во клучните фази од нивниот развој, кога традиционалните финансиски институции често не сакаат да го сторат тоа.