Република Северна Македонија влегува во нов циклус на масивно задолжување. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со премиер Христијан Мицкоски, планира во јануари 2026 да издаде нова еврообврзница од околу 950 милиони евра – десетта по ред – за да обезбеди готовина за враќање на доспеаната еврообврзница од 700 милиони евра и уште околу 200 милиони евра стари обврски кон странство. Ова формално не е „нова потрошена милијарда“, туку пресипување долгови од една рака во друга: нов долг за да се отплати стариот. Но суштински, државата останува исто задолжена или подлабоко задолжена, само со нов рок и нова цена на парите.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска јавно објаснува дека најголемиот товар во буџетот за следната година е токму ова сервисирање на еврообврзницата од 700 милиони евра. Таа вели дека ќе се користи „комбинација помеѓу странско и домашно задолжување“, за да не се исцрпат банките во земјава и тие да можат да го кредитираат приватниот сектор, а не само државата. Планот е следен: еврообврзница од околу 950 милиони евра, плус уште 350 милиони евра евентуално дополнително надворешно задолжување и околу 400 милиони евра преку домашниот пазар. Дел од тоа формално ќе оди за дефицитот (околу 39 милијарди денари, што е некаде околу 3,5 отсто од БДП), а остатокот е чисто рефинансирање, односно враќање на стари долгови со нови пари.
Прашањето што природно се отвора е: ако веќе државата зема пари од Унгарија и најавува кредитна рамка од Обединетото Кралство, зошто пак ѝ треба еврообврзница на отворен пазар, која е најскапата форма на долг за една малечка економија како македонската?
Одговорот лежи во намената на тие „помошни“ заеми. Договорот со унгарската Експорт-импорт банка е вреден 500 милиони евра, со рок на отплата од 15 години, тригодишен грејс-период и каматна стапка од 3,25 проценти – услови кои Министерството за финансии ги нарече поповолни од цената на еврообврзница на слободен пазар, каде каматата би била околу 6 проценти. Владата објави дека половина од овие пари ќе се слеат во општински проекти, а другата половина ќе оди како развојно кредитирање за компании преку комерцијалните банки. Тоа значи дека унгарскиот заем не е класично „пусти во Tрезорот па плати стара обврзница“, туку е врзан за инвестиции и кредитни линии што треба да поттикнат економска активност – а, политички гледано, и да создадат видливи локални објекти и бизнис-проекти во мандатот на сегашната влада.
Слична логика важи и за британската шема. Северна Македонија доби можност да користи кредитна рамка од Обединетото Кралство за инфраструктурни инвестиции, потенцијално висока и до пет милијарди фунти (околу шест милијарди евра), но со јасна контра-обврска: најмалку 30 проценти од секој проект мора да биде „британско учество“, односно стоки, услуги и компании од Обединетото Кралство.
Ова е класичен извозно-кредитен модел: Лондон обезбедува поволно финансирање преку својата извозно кредитна агенција UK Export Finance, за возврат британски изведувачи и добавувачи да влезат во македонски инфраструктурни проекти. Суштината е дека ова се парички врзани за конкретни автопати, железници, енергетски инфраструктури и сл., а не пари кои можеш утре да ги префрлиш кон инвеститорите што ти ја држат стариот 700-милионски долг.
Значи, и унгарскиот и британскиот аранжман служат за „градиме нешто“ (и политички: „гледајте што градиме“), а не за „гасиме пожар во буџетот“. Но еврообврзницата од 950 милиони евра е токму за гасење пожар – за да не се случи државата да мора да враќа големи суми наеднаш со пари што ги нема.
Ова е механиката на рефинансирањето: државата постојано зема нов долг за да го враќа стариот, со надеж дека каматата нема да експлодира и дека економскиот раст ќе биде доволен за долгот да изгледа „поднослив“ како процент од БДП.
Овде доаѓаме до второто прашање: дали ВМРО-ДПМНЕ, која сега ја води Владата, ја турка земјата во истиот модел на кој градела и во минатото – модел во кој јавниот долг расте за да се одржи краткорочна стабилност, но со цена што се плаќа подоцна?
Историјата не е удобна за ова прашање. Податоците покажуваат дека јавниот долг драматично порасна токму во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ владееше во целосно доминантна позиција, приближно од 2008 до 2016. На почетокот од тој период јавниот долг изнесувал околу 1,55 милијарди евра или 23 проценти од БДП. На крајот на 2016 година истиот тој долг достигнал околу 4,71 милијарди евра, или над 50 проценти од БДП.
Економистите тогаш предупредуваа дека државата веќе плаќа околу 150 милиони евра годишно само за камати, без да го намали главниот долг, и дека голем дел од тој долг бил вложуван во непродуктивни цели – активности што не создаваат поврат од кој долгот ќе се самофинансира.
Со други зборови, не се работеше за инвестиции кои утре ќе донесат дополнителен извоз, струја, дигитална индустрија или конкурентна економија, туку за скапа буџетска одржливост и политичка стабилност денес, а сметка утре.
Иако денес Министерството за финансии инсистира дека „ова не е ново задолжување, ова е сервисирање на стар долг“, ефектот во јавниот долг е реален. Последните официјални пресметки што ги соопшти Министерката покажуваат дека јавниот долг е околу 58,5 до 58,7 проценти од БДП средината на 2025 година, со цел тој да не ја надмине проектираната граница од нешто над 62 проценти до крајот на годината.
Министерството во мај тврдеше и дека долгот паднал до 57,7 проценти од БДП, што според Владата значи тренд на стабилизација и фискална дисциплина.
Но дел од економистите оспоруваат дека ова е суштински пад и велат дека дел од „намалувањето“ е резултат на начинот на пресметка – проектирано ниво на БДП и пролонгирање на обврски – а не вистинско симнување на товарот.
Политички, пораката на Владата е дека „ги контролираме трошоците, го држиме јавниот долг под 60 отсто и обезбедуваме пари за капитални инвестиции“, а притоа капиталните проекти треба да бидат главен мотор на растот во 2026 година.
Тоа звучи одговорно на прес-конференција, но реалната конструкција на буџетот кажува нешто друго: зајакнување на јавниот долг за да се исплатат долговите што доспеваат и за да не се дозволи „дупка“ во тековната ликвидност на државата, а потоа, во политички осетливи средини – општини, локални компании – да се покаже инвестиција преку насочени кредитни линии како унгарската, или преку нови инфраструктурни работи што би дошле со британската шема.
Ова е суштината на моделот на задолжување што ВМРО-ДПМНЕ го практикува со години: буџетот останува формално стабилен, јавниот сектор добива доволно кислород за плати, пензии и редовни трошоци, а кризните обврски се купуваат со нови обврзници. На хартија, тоа изгледа како управување со долг. Во стварност, тоа ја цементира зависноста од идни задолжувања, ги изложува граѓаните на растечки каматни трошоци и ја турка државата во ситуација каде секоја следна генерација го враќа она што претходната го потрошила.
За граѓаните, цената е двојна. Прво, директно преку буџетот: секое евро камата што државата го плаќа кон кредиторите е евро што не оди во училишта, клиники, јавен превоз или локална инфраструктура што не е политички приоритет туку реална потреба. Во 2017, експертите веќе предупредуваа дека за камати Македонија плаќа по 150 милиони евра годишно – пари колку за еден автопат за две години, само за да останеме на површина.
Второ, индиректно преку условите на идните кредити: колку повеќе сме зависи од надворешни кредитори за да преживееме тековен рок на доспевање, толку помал избор имаме кога ќе преговараме за цена, и толку повеќе кредиторите диктираат како и каде смееме да ги трошиме парите. Британската рамка, на пример, е поволна, но бара минимум 30 проценти британско учество во секоја инвестиција – што е логично од агол на Лондон, но значи дека секоја таква инфраструктура однапред доаѓа со геополитичка цена, а не само финансиска.
Во оваа слика, новата еврообврзница од 950 милиони евра не е само техничко прашање на рефинансирање. Таа е тест за тоа дали државата ќе продолжи да се однесува како домаќинство што секојпат зема нов кредит за да го врати стариот, уверувајќи се себеси дека „ова е последниот пат“. Дури и ако јавниот долг се движи околу 58–59 проценти од БДП и не ја минува психолошката граница од 60 проценти оваа година, како што уверува Министерството за финансии, тој и натаму е неколку пати повисок од времето кога државата влезе во спиралата на задолжување во раните години на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Преведено на секојдневен јазик: ова не се „нивни пари“ или „унгарски пари“ или „британски пари“. Ова се идни даноци, идни акцизи, идни скратени ставки во здравство и образование. Прашањето не е дали државата ќе враќа долг – таа мора. Прашањето е колку ќе се плаќа камата за секој следен ден политички мир.
