Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Што се случува со влакната на мозокот додека со тестисите играме билјар!?

Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ

Манифестот е замена.

Неговите романи се замена.

За литературата.

За животот.

За визиите.

Венко е мајката на тие замени.

На понудата на шлаг без пандишпан, без кафе, без сладолед, чист шлаг во кој општеството е повикано да се покаже во својата омилена дисциплина, демек во тонењето во мекост, миризливост и празнотија, во  бескрајот без содржина.

Само шлаг.

Огромен базен со шлаг.

Впрочем, таква е литературата на која е формирана нацијата.

И голем дел од професурата.

Што е многу важно за понатамошниот тек на дебатата.

Манифестот на Венко е милионити по ред. На милиони јајца им е извадена белката во занесите на Клетников, Барбаровски, Рамковски, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Коцарев и Ману, Страшо Ангеловски и маак, и уште кои сѐ не ја испишаа драматичната судбината на Македонија во поетски десетерци или, немам поим, седум/осмини, да ти се наежат влакната на мозокот додека си играш билјар со тестисите (Венко). Од тие баритонски концентрации на македонизам, со повремени пискотници што се слушаат од Галичник в Река…

Така што Венко малку задоцни, но за такви изливи никогаш не е доцна.

Освен тоа, народот ги сака и ги лиже како шеќерна волна на селски панаѓур..

Не би сакал во оваа прилика наново да се осврнувам на содржината на манифестот, тоа дело на славниот автор беше подложено на магнетната резонанца на јавноста при што беше јасно установено дека е полно со малигни клетки и цели туморски лезии.

Но, морам да кажам дека дефектите на овој документ не се во деталите.

Дефект е самиот манифест.

Затоа што поаѓа од шаманскиот став дека проблемите на Македонците се плод на паѓањето на концентрацијата на нивниот македонизам во процесите на модернизацијата.

Замислете.

Демек, драмата е резултат на напуштањето на чезите и на преминот на хибриди. Резултат на вакцините. На еманципацијата на жената. На кратките сукњи и невидливите танги. На истополниот секс. На губитокот на авторитетот на таткото. На растурањето на домаќинствата од по педесетина Македонки, Македонци и Македончиња, со славните огништа и сушено месо по гредите, на ајфоните и таблетите, на оддалечувањето од филозофијата на Марко Цепенков, на блискоста со Курвата вавилонска.

Односно, крахот е резултат на очовечувањето.

Во обид, се разбира.

На симнувањето од гранките и исправањето во нестабилноста на двете нозе.

На семафорите.

На абортусите.

На авионите кои нѐ разнесоа по светот и нѐ разретчија и од македонското вино направија тенок шприцер.

На децата оставени без родителска грижа.

Дома или по градинките, додека мајките ги штипат по газовите во разни фирми или фаќаат туберкулози по фабриките.

Се разбира дека дијагнозата, која тука е малку послободно, но не погрешно илустрирана, е драматично погрешна.

Не е модернитетот тој што му прави проблеми на Македонецот, туку наслагите на неговиот класичен македонизам кои модернизмот не може да ги разбие ниту со најдебелата бургија.

Проблемите со правото не се проблем на модерноста туку на фамилијарноста и инцестуозноста, односно на формите кон кои Венко ќе нѐ враќа за да се доближиме до правдата и вистината!

Ја разбирате ли вие оваа перверзија?

Во времето кога мораме да расправаме за модерните пробиви на тоа што го викаме македонска кауза, на единствениот можен начин, преку дистанцирање од светогледот, од филозофијата, од верата, од навиките, од психологијата и карактерот, кои нѐ држат во балканската кал, Венко се јавува со путинистичката идеја дека сите сили треба да ги насочиме во враќањето кон традиционалните вредности, кон цврстите идентитети и стари вредности. Значи кон Македонецот како раб божји, кон жената како машина за раѓање, кон камшикот од коњски влакна за тепање на хомосексуалците, далеку од кванташките пазари на Брисел, Вашингтон и Берлин. Демек, кај што сме се распродале како држава и дух.

Тој си умислил дека може да биде автор на некаква македонска Магна карта пасторум.….

Блаблабла.

Слободата и демократијата нѐ уништиле.

Па добро, драги мои, како е ова можно.

Значи, дијагнозата е опасно погрешна.

Второ, обидот преку таа дијагноза да се лечи македонскиот организам значи дека докторите се со дијагноза, Венко е болен, односно сите се тешко болни луѓе, Коцарев, Жмицко, вмро, ману, Биљана, Катица, дека прво ќе го измачат Македонецот со своите магии, па ќе го умрат.

Точно е дека Македонија е состојба на духот и тој дух може и треба да се обликува, но тој не е марамче кое може да се врати во џебот, тој дух не е излеано млеко кое може да се врати во кофата. Тој дух не е жена која може да се врати на функцијата на мајка, домаќинка и сексуална машина за задоволување на домаќинот.

Тие идеи се лудост.

Со други зборови проектот кој е вообличен во манифестот поаѓа од погрешни премиси, има погрешни цели и е неостварлив.

Но, бидејќи тој материјал е израз на одредени пошироки расположенија, тој е моќен да го држи општеството во локалната кал или макар да го забавува и тоа, во суштина, се случува. Со огромни штети и последици кои можат да бидат и фатални. Затоа што светот се движи. Ужасно брзо се движи и се менува. Ако не собереме сила да го маргинализираме венко и венковистите, ние нема да ги оствариме нивните модели, затоа што е тоа невозможно, но можеме да исчезнеме од радарот на светот. И од сопствениот радар. Многу бргу ќе се уговниме толку многу што ќе си станеме одвратни.

И уште нешто: Таа работа не е без врски со интересите на Москва.

Дистанца од Европа, од вредностите на Европа, од модернитетот на Европа, почекајте да ги тепаме Украинците, па ќе дојдеме заедно да ги изградиме нашите општества според доктрината на нашиот драг водач Владимир Владимирович Путин.

Ако ништо друго, барем џамови за паѓање имаме.

Извор: FRONTLINE

Најново