Што се знае досега за инцидентот со пукањето во глисерот на Куба

Wikimedia commons

Пукање со глисер во Куба заврши со четворица загинати и шестмина ранети, откако кубанските гранични сили на вчера пресретнале брз чамец регистриран во американската сојузна држава Флорида во кубански територијални води, во близина на Кајо Фалконес, северно од провинцијата Вила Клара. Кубанските власти тврдат дека луѓето на глисерот први отвориле оган кон патролата и раниле еден командир, по што службениците возвратиле, додека од американска страна е најавено независно утврдување на фактите.

Според верзијата на Министерството за внатрешни работи на Куба, на глисерот имало 10 лица и станувало збор за вооружена група составена од кубански државјани кои живееле во САД. Хавана тврди дека целта била „оружена инфилтрација“ на островот и дека кај групата биле пронајдени оружје и тактичка опрема, а дел од приведените, според кубанските соопштенија, биле поврзувани и со претходни случаи што властите ги квалификуваат како терористички планови. Во истиот контекст се наведува дека по инцидентот е приведено и едно лице на копно, за кое се тврди дека имало логистичка улога во приемот на групата.

Американските претставници, пак, нагласуваат дека станува збор за „невообичаен“ настан и дека Вашингтон нема да се потпре само на кубанската верзија. Државниот секретар Марко Рубио изјави дека не станува збор за операција на американската влада и дека САД ќе собираат сопствени информации, меѓу другото и за да утврдат дали меѓу загинатите или ранетите има американски државјани или лица со постојан престој. Паралелно, од Флорида се најавени проверки и од државни и федерални структури, со барање да се разјасни точниот тек на престрелката и околностите под кои била употребена сила.

Случајот ја отвори и пошироката политичка димензија: Куба го претставува инцидентот како прашање на суверенитет и спречување насилни акции, додека во САД доминира скепсата кон официјалните кубански тврдења и потребата за независна реконструкција на настаните. Во отсуство на заедничка истрага и со спротивставени наративи, следните денови се очекува да донесат повеќе детали за идентитетот на учесниците, за пронајдените предмети и за тоа дали ќе има дополнителни приведувања или обвиненија.

Зачлени се на нашиот е-билтен