Што се знае за „можниот договор“ на Трамп за Гренланд

Данска и Гренланд нема да се откажат од својот суверенитет. Што би значело потенцијален договор и дали би бил прифатлив за сите страни?

Од закани за употреба на воена сила, барања за итни преговори до објавување на можен договор за Гренланд.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, не се откажува од островот, полуавтономна територија на Данска, членка на Европската Унија и НАТО, поради како што вели тој, национална безбедност.

Откако во Давос, Швајцарија, на Светскиот економски форум, потврди дека Гренланд нема да го преземе„со сила“, тој на социјална мрежа Truth Social, објави дека постои „рамка за иден договор за Гренланд“.

Објавата следеше по неколку дневни тензии, кои кулминираа со закана дека ќе воведе економски санкции врз блиските сојузници на САД поради спротивставување на плановите за заземање на Гренланд.

Што би вклучувал овој договор и дали би бил прифатлив за Данска и Гренланд, кои јасно ставија до знаење дека нема да се откажат од својот суверенитет над најголемиот остров во светот?

Што е кажано досега за потенцијалниот договор?

Веста за можната рамка на идниот договор со Гренланд ја објави Трамп на социјалната мрежа по долгиот говор на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.

„Врз основа на многу продуктивниот состанок што го имав со Марк Руте, генералниот секретар на НАТО, ја формиравме рамката за идниот договор во врска со Гренланд.

„Доколку тоа решение се спроведе, ќе биде одлично и за САД и за сите членки на НАТО“, напиша Трамп.

Тој не ги откри деталите, но објави дека разговорите ќе продолжат со цел да се постигне договор.

Руте изјави дека не разговарал за клучното прашање за данскиот суверенитет со Трамп, но рече дека САД, Данска и Гренланд ќе водат конкретни преговори.

„Преговорите меѓу Данска, Гренланд и САД ќе продолжат за Русија и Кина никогаш да не добијат економска или воена основа во Гренланд“; објави Алисон Харт, портпаролка на НАТО, по состанокот меѓу Трамп и Руте.

Мете Фредерискен, данската премиерка, вели дека редовно разговара со Руте.

Данците можат да преговараат „за сите политички теми, безбедност, инвестиции и економија, но не и за нивниот суверенитет“.

„Ме информираа дека тоа не е темата“.

„Само Данска и Гренланд можат да донесуваат одлуки за прашања што ги засегаат“, рече таа во изјава на 22 јануари.

Аја Ченмиц, една од двете гренландски пратенички во данскиот парламент, исто така испрати остра порака.

„НАТО нема право да преговара за ништо без нас – без Гренланд.“ „Ништо за нас без нас“, рече таа.

Ивет Купер, министерката за надворешни работи на Велика Британија, се надева дека „директните разговори што Данска ги побара (…) за иднината на островите ќе го заштитат Гренланд“.

Што се знае за потенцијалниот договор?

Меѓу идеите што се разгледуваат, иако сè уште неофицијално, е аранжман сличен на две воени бази на Кипар контролирани од Велика Британија – иако тие треба да се читаат во контекст на коментарите од Данска и Гренланд дека суверенитетот не е предмет на преговори.

Една од идеите за кои се дискутирало е Данска да отстапи суверенитет над мали делови од Гренланд, каде што САД би граделе воени бази, по британскиот модел, цитираше анонимни претставници,„Њујорк тајмс“.

Акротири и Декелија останаа под британски суверенитет кога Кипар стана независен во 1960 година.

Иако договорот оттогаш е изменет, тие области во суштина се сметаат за британска територија.

Британската министерка за надворешни работи Купер не одговори на прашањето дали е запознаена со содржината на договорот.

„Тие се многу практични разговори за безбедноста на Гренланд, додека многу, многу јасно ставаат до знаење дека Суверенитетот на Гренланд не е предмет на преговори.“

Рамковниот договор ќе бара од членките на НАТО да го засилат ангажманот во безбедноста на Арктикот, изјави Руте за Ројтерс.

„Ќе се сретнеме со нашите високи команданти за да утврдиме што е потребно. Се надевам дека ќе биде во 2026 година, дури и на почетокот на 2026 година“, рече тој.

Дали кој било договор што не вклучува „сопственост“ ќе ги задоволи апетитите на Трамп?

САД имаат воено присуство во Гренланд уште од Втората светска војна.

Според договорот од 1951 година со Данска, тие можат да донесат колку сакаат војници.

Веќе имаат повеќе од 100 војници трајно стационирани во базата Питуфик на северозападниот дел од островот.

Америка има воени бази во многу земји, вклучително и Германија, но тоа не се суверени територии.

Трамп тврди дека договорот за закуп на Гренланд не е доволен.

„Земјите мора да имаат сопственост, која потоа ја бранат, закупите не се бранат, и ќе мора да го браниме Гренланд“, рече неодамна тој.

Американскиот претседател, исто така, се закани дека ќе употреби сила, доколку е потребно, со цел да го окупира островот, но се откажа од таа идеја, која ја објави во Давос.

НАТО е основан во 1949 година, а неговиот основен принцип е дека нападот врз една членка е напад врз сите други.

Ова се однесува на напади од земји кои не се членки, а Данска јасно посочи дека воениот напад би го означил крајот на трансатлантскиот сојуз, во кој САД се главен партнер.

Зошто Трамп го сака Гренланд?

За време на неговиот прв мандат, Трамп се обиде да го купи Гренланд од Данска, и тој не е единствениот американски претседател кој се обидел да го стори тоа.

Тој инсистира дека на Гренланд му е потребна Америка за да го заштити од можни руски и кинески напади.

Тој посочи на нивните наводни движења во водите околу островите, иако претставници на одбраната инсистираат дека во последно време немало зголемени закани од Москва и Пекинг.

На Америка ѝ е потребен Гренланд за, како што рече Трамп, да го изгради одбранбениот систем „Златна купола“, дизајниран да ги заштити САД од ракетни напади.

Тој додаде дека европските сојузници би можеле да соработуваат во овој потфат.

Сојузниците на НАТО се обидоа да ги уверат САД дека ќе ја зајакнат безбедноста на Арктикот.

Една од идеите на кои инсистира Велика Британија е воспоставувањето Арктичка гарда, изјави нивниот министер Купер на 22 јануари.

Тоа би било „многу слично на пристапот што НАТО го усвои кон Балтичката гарда, мисија дизајнирана да го зголеми надзорот на бродовите во Балтичкото Море, кога се пресечени критичните подводни кабли.

Заедно со стратешката локација на Гренланд, САД ги фалат огромните и во голема мера неискористени резерви на ретки минерали на островот, од кои многу се клучни за технологијата, мобилните телефони и електричните возила.

Трамп не рече дека САД го сакаат богатството на Гренланд, но дека контролата на САД врз островот „е навистина добра позиција за сите, особено кога станува збор за безбедноста и минералите“.

„Тоа би бил договор засекогаш“.

Зачлени се на нашиот е-билтен