„Мојот град е во ужасна состојба. Триесет години Скопје не им служи на своите граѓани, туку на партиите,“ вели Амар Мециновиќ, најмладиот кандидат за градоначалник на главниот град, во интервју за Рацин.мк. По искуството во, како што самиот го нарекува, „најдисфункционалниот совет во историјата на Скопје“, тој влегува во трката со јасна намера – да го врати градот во рацете на неговите жители.
„Јавните претпријатија не се неспособни, туку намерно оставени хендикепирани за да се оправда нивната приватизација,“ додава Мециновиќ, најавувајќи реформи, чисти улици и транспарентна власт.
Посебно внимание посветува на децата и јавните простори: „Децата во Скопје десет години немаат луна парк – тоа мора да се промени. Тоа не смее да биде приватна инвестиција, туку градски проект што создава радост и спомени.“
„Сакам Скопје да биде функционален град“
Роден и израснат во Чаир, Мециновиќ не бега од критика кон своето маало. „Иако сум локален патриот, условите за живот таму се катастрофални. Некогаш Чаир беше ‘спалната’ на центарот, денес личи на запоставен предградиe. Но, нашата филозофија е дека сите сме граѓани на Скопје – без разлика дали сме од Чаир, Кисела Вода или Центар.“
Како советник во Град Скопје, тој сведочел на нефункционалноста на институциите: „Видов што значи кога градот е управуван од партиски интереси. Ако повторно им се дозволи на истите блокатори да владеат, ќе изгубиме уште четири години.“
„Јавните претпријатија имаат потенцијал – само треба да се ослободат од политиката“
Мециновиќ нагласува дека ќе го реформира системот одвнатре, со реални цели и одговорност. „Како градоначалник, ќе се сретнам со сите вработени во јавните претпријатија. Ќе ги подобриме условите и ќе воведеме мерливи резултати за директорите.“
Меѓу клучните инфраструктурни проекти го истакнува планот за фотоволтаична централа за ЈП ‘Водовод и канализација’, со капацитет од 10 мегавати, вредна околу 7 милиони евра, која би покривала над 60% од трошоците за струја. „Тоа е реален и исплатлив проект што може да се финансира преку европски фондови и преку подобра наплата,“ вели тој.
„Не сакам градот да биде заложник на политиката“
Мециновиќ тврди дека ќе соработува со Владата без оглед на нејзината политичка боја. „Важно е Скопје да функционира, а не да биде шаховска табла на партии.“
За јавните простори има јасна визија: „Градот треба да создава места за дружење, не само за потрошувачка. Потребни ни се паркови, игралишта, јавен саем во сопственост на градот – јавни простори што се чисти, достапни и инспиративни.“
„Луна парк и Универзална сала – симболите мора да се вратат“
Во програмата на Мециновиќ е и ревитализација на културните симболи на Скопје. „Децата заслужуваат нов луна парк, а Универзална сала мора да оживее – со заеднички напор на градот и Министерството за култура.“
Тој ја гледа 2028 година, кога Скопје ќе биде Европска престолнина на културата, како голема можност: „Прво мора да ги обновиме руинираните културни објекти, старите кина, и да ги поддржиме МКЦ и КИЦ – тие се срцето на културниот живот.“
„Градот мора да ги слуша своите граѓани“
„Планираме јавни дебати при донесувањето на Генералниот урбанистички план. Луѓето кои живеат на тој простор мора да имаат глас – тоа е суштината на демократијата,“ вели Мециновиќ.
Се движи низ градот со велосипед и смета дека така треба да изгледа иднината на урбаното Скопје – почисто, побезбедно и послободно.
Интервју реализирано во рамки на серијалот на разговори со кандидатите за градоначалник на Скопје