Што значат новите жаришта за сточарите и храната што секојдневно ја купуваме?

Жариштата на сипаници кај овци и кози што се проширија во повеќе делови од Македонија не претставуваат опасност за здравјето на луѓето, но веќе оставаат сериозни последици врз сточарите, производството и движењето на животните. За потрошувачите најважната информација е дека месото и млекото што легално се продаваат треба да поминат низ ветеринарна контрола и пропишана обработка. За одгледувачите, пак, новите случаи значат уништување цели стада, ограничен промет и неизвесност што може да трае со месеци.

Според последните официјални податоци на Агенцијата за храна и ветеринарство, од почетокот на јули се потврдени десет нови жаришта. Од првиот случај регистриран кон крајот на јануари до средината на јули, бројот на жаришта достигна 17, со повеќе од 2.700 овци и кози во засегнатите одгледувалишта. Болеста е потврдена во 15 фарми со овци и во две одгледувалишта во кои заедно се чувале овци и кози.

Новите жаришта се лоцирани во поширок простор, од Кумановскиот Регион до Македонска Каменица, Делчево, Чешиново-Облешево и Свети Николе. Таквата распространетост е причината мерките да не се однесуваат само на една фарма или едно село, туку да опфатат заштитни зони, транспортни правци, пазари и одгледувалишта низ целата држава.

Сипаниците кај овците и козите се вирусно заболување на животните и не треба да се мешаат со заболувањата кај луѓето што во секојдневниот говор се нарекуваат сипаници. АХВ нагласува дека оваа болест не се пренесува на човекот и не претставува ризик за јавното здравје.

Тоа, сепак, не значи дека производите од заразените фарми слободно можат да завршат на пазарот. Во одгледувалиштата каде што е потврдена болеста се уништуваат млекото, млечните производи, храната за животните, волната и сите материјали за кои постои сомнеж дека биле во контакт со вирусот. Животните од тие одгледувалишта се усмртуваат под официјален ветеринарен надзор и не влегуваат во синџирот за производство на храна.

Во заштитните зони е забранет прометот на производи од овци и кози, освен под точно утврдени услови. Суровото овчо и козјо млеко и производите направени од него може да се пуштат во промет само по пропишана термичка обработка или пастеризација во одобрен објект.

Движење на животни кон кланица е дозволено само во контролирани случаи. Пред транспортот, животните мора да бидат клинички прегледани, да немаат симптоми и да бидат упатени во одобрен објект. Доколку постои сомнеж, се земаат примероци за лабораториско испитување.

Практично, за граѓаните нема причина целосно да престанат да купуваат овчо или козјо месо, млеко и сирење. Најважно е производите да се купуваат од регистрирани продавници, млекарници и производители, да имаат декларација и да потекнуваат од контролираниот синџир на производство. Непознатото потекло, продажбата без декларација и суровото млеко што не поминало соодветна обработка се поголем практичен ризик од храната што легално се наоѓа во продажба.

ШТО ЗНАЧАТ МЕРКИТЕ ЗА СТОЧАРИТЕ?

За фармерот кај кого ќе биде потврдена болеста, последицата не е изолирање само на заболените грла. Во заразеното одгледувалиште се спроведува депопулација, односно усмртување на сите овци и кози, вклучувајќи ги и животните што во моментот не покажуваат симптоми.

Досега се усмртени повеќе од 1.400 животни. Покрај загубата на стадото, фармите остануваат без млеко, јагниња, приплоден материјал и приходи од продажба. Следуваат чистење, дезинфекција, нештетно отстранување на мршите, храната, простирката и ѓубрето, како и епидемиолошка истрага за да се открие од каде дошла заразата и со кои други фарми имало контакт

Дополнителен удар е забраната за повторно населување животни во заразените одгледувалишта. Според донесените мерки, нови животни не смеат да се внесуваат шест месеци од денот кога ќе бидат укинати заштитните и контролните ограничувања. Тоа значи дека враќањето на производството може да трае значително подолго од периодот во кој непосредно се сузбива заразата.

На целата територија на Македонија е забранета работата на добиточните пазари за овци и кози, како и одржувањето изложби и други настани на кои животните од различни одгледувалишта би можеле да дојдат во контакт. Во заштитните зони се ограничени движењето и транспортот, а од сточарите се бара да водат евиденција за сите лица и возила што влегуваат во фармите.

Новите животни не смеат да се внесуваат во стадо без претходен клинички преглед и сертификат за здравствената состојба. Забрането е и заедничко напасување со стада со непознат здравствен статус, како и користење заеднички поила и хранилишта.

ЌЕ ВЛИЈАЕ ЛИ ОВАА СИТУАЦИЈА ВРЗ ЦЕНИТЕ?

Сегашниот број на жаришта не значи автоматски дека ќе дојде до недостиг на месо, млеко или сирење на ниво на целата држава. Но, продолженото ширење на болеста може да го намали локалното производство, да го отежни откупот и да ги зголеми трошоците за транспорт, ветеринарни проверки, дезинфекција и набавка на нови животни.

Ризикот е поголем за малите одгледувачи, кај кои едно уништено стадо може да значи губење на главниот извор на приходи. Последиците не завршуваат со бројот на усмртени животни. Се губи и идното производство на млеко, јагниња и приплодни грла, а обновувањето на стадото бара време и значителни средства.

Паралелно со жариштата, млечниот сектор веќе се соочува со недостиг од квалитетно сурово млеко и со проблеми при откупот во Делчево и во источниот регион. АХВ на 17 јули соопшти дека во земјата нема млечна криза, но дека поради недостаток на домашна суровина се увезува млеко во цистерни од соседните земји. Агенцијата најави засилени лабораториски испитувања на увезеното млеко и млечните производи. Овие пазарни проблеми не се официјално претставени како директна последица на сипаниците, но покажуваат дека домашното производство веќе работи под притисок.

Најважната промена е проширувањето на контролата надвор од самите заразени фарми. Мерките предвидуваат ограничено движење, затворање на добиточните пазари, контролирано колење, задолжителна обработка на млекото од рестриктивните зони и засилена биосигурност во сите одгледувалишта во државата.

Секој сомнеж за заболување или угинување мора да биде пријавен кај ветеринарното друштво или кај официјалниот ветеринар во рок од 24 часа. Фармите треба да постават дезинфекциски бариери, да користат посебна облека и обувки и да го ограничат пристапот на лица, возила и опрема.

Експертската група при АХВ ја разгледува и вакцинацијата како можен дополнителен начин за спречување на ширењето. Засега не е објавена конечна одлука за почеток на вакцинација, а во сила остануваат депопулацијата на заразените стада, ограничувањето на движењето и засилените контроли.

Најчитано