Што значи прогласување на кризна состојба?

кризна

Од Република Северна Македонија е во услови на кризна состојба, откако Владата ја активираше одлуката за нејзино донесување на вонредната седница во неделата, на 23 март, на која на дневен ред беа мерките за справување од последиците од војната на Блискиот исток и Персискиот залив што го запре нормалниот транспорт на гас, нафта и нафтени деривати.

Во кусото соопштение за активирањето на кризната состојба стои дека со оваа владина одлука се задолжуваат органите на државна управа да преземат мерки и активности за справување со состојбата и надминување на последицата од судир на интереси за користење на изворите и патиштата на стратегиските енергенси како и попречување и блокирање на нивниот увоз во Македонија.

Ова крајно нејасно и конфузно образложение воопшто не објаснува што точно значи воведувањето на кризна состојба, па оттаму и овој текст кој појасно опишува што значи воведувањето на оваа состојба во земјата.

Кризна состојба се прогласува при ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси.

Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука се активира главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе биде во постојано заседавање заради следење на мерките и активностите и координирано дејствување.

Заради предлагање на одлуки и обезбедување на постојани консултации, координација, навремена реакција, ефикасност и соодветно искористување на расположливите ресурси во случај на кризна состојба, како и обезбедување навремена, квалитетна и реална процена на загрозеноста на безбедноста на Републиката од ризици и опасности, во системот за управување со кризи се формираат Управувачки комитет и Група за процена и се основа Дирекција за управување со кризи.

Управувачкиот комитет е тело на Владата за координација и управување со системот за управување со кризи.

Управувачкиот комитет го сочинуваат министрите: за внатрешни работи, здравство, транспорт и врски, одбрана, надворешни работи и раководителот на Групата за процена. Доколку составот на Управувачкиот комитет не ја одразува соодветната и правична застапеност на заедниците, составот на Управувачкиот комитет се дополнува и со други членови на Владата.

Во зависност од кризната состојба, по потреба, во работата на Управувачкиот комитет можат да се вклучат и други функционери кои раководат со органите на државната управа.

Во кризна состоба, законот ѝ овозможува на Владата да носи oдлуки за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на градот Скопје, како и за управување со нив во случај на кризна состојба.

Исто така, за време на кризната состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон.

По барање на Владата, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица.

Законот предвидува дека со дел од своите сили може да учествува и Армијата во поддршка на полицијата, во услови кога со кризната состојба е загрозена безбедноста на земјата, а органите на државната управа немаат соодветни ресурси и средства за нејзина превенција и справување.

Одлука за прогласување на кризна состојба донесува Владата, така што кризната состојба не може да трае подолго од 30 дена.

Доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба.

Што е разликата меѓу кризната и вонредната состојба?

Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Во вонредна состојба Владата е овластена да носи уредби со законска сила.

Главната разлика помеѓу кризната и вонедната состојба се состои во тоа што вонредната и кризната состојба овозможуваат справување со состојбата на различен начин, така што во кризна состојба на Владата и е овозможено користење на дополнителни ресурси со цел справување со ризиците, додека за време на вонредна состојба Владата има на располагање дополнителни правни механизми, односно има право да донесува уредби со законска сила, кои овозможуваат поголема ефикасност при управување со состојбата. Имено, уредбите со законска сила самостојно ги донесува Владата без учество на Собранието, така што нивното донесување е значително побрзо споредено со времето потребно да се донесе одреден закон низ собраниската постапка.

Ниту кризната ниту вонредната состојба не подразбираат нужно воведување на полициски час. Полициски час може дополнително да биде воведен со посебна одлука на Владата, доколку биде проценето како потребно со цел справување со состојбата.

Зачлени се на нашиот е-билтен