Новинарите од меѓународниот сервис на „Радио Франс Интернасионал“ (Radio France Internationale – RFI), со седиште во Париз, денеска започнаа штрајк на неопределено време како протест поради „загрижувачкото влошување на нивните работни услови“.
Сепак, „тешко е да се процени влијанието на оваа акција во етерот“, изјавил неименуван портпарол на раководството на RFI за АФП. Раководството денес попладне треба да се состане со синдикатите, кои известуваат за „одредени нарушувања“ во емитувањето на програмата.
Штрајкувачите бараат враќање на постојаниот број од 16 новинари, откако едно работно место било укинато.
RFI, како јавен радио-сервис, емитува програма ширум светот на француски и уште 16 други јазици. Има околу 1.700 партнерски радио-станици кои го реемитуваат нивниот програм, а неделно ги слушаат повеќе од 60 милиони луѓе.
Во своето соопштение за штрајкот, синдикалните организации CFDT, CFTC, CGT, FO и SNJ наведуваат дека од февруари 2022 година, од почетокот на војната во Украина, „зголемениот број репортажи од опасни подрачја значително го зголеми обемот на работа, до степен на загрозување на здравјето на новинарите“.
„Овие новинари исто така се соочуваат со намалување на платите за време на одредени ангажмани, што е неприфатлива ситуација, имајќи ги предвид ризиците со кои се соочуваат и одговорностите што ги преземаат“, соопштуваат синдикатите.

