Истоварот на стотици контејнери со кафе во пристаништата на источниот брег на САД е запрен поради штрајкот на работниците, што дополнително ја влошува веќе и така скромната понуда на кафе во земјата.
По почетокот на штрајкот, речиси половина од целата трговија што доаѓа во САД е запрена, а податоците од царината покажуваат дека, меѓу другото, блокирана е и испораката на важни медицински помагала и скапи лекови, наведува Си-Ен-Ен.
Локални медиуми известуваат дека работниците во 36 пристаништа објавиле штрајк поради недоволни плати и загриженост за губење на работни места поради планираната автоматизација.
Ова доаѓа во време кога залихите на кафе во САД се на историски ниско ниво, што може да предизвика нов пораст на цените.
Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека е време сопствениците на пристаништата да го решат штрајкот на 45.000 пристанишни работници ширум истокот на земјата, бидејќи тоа ја блокира испораката на стоки во САД.
-Конзорциумот е во основа шест сопственици кои ги контролираа сите пристаништа од целото источно атлантско крајбрежје до Мексиканскиот залив и тие направија неверојатни профити од пандемијата, повеќе од 800 проценти од профитот, а тие заработуваат десетици милиони долари, рече Бајден, како што пренесе Ројтерс.
Тој додаде дека последното нешто што им е потребно е да профитираат од сегашната ситуација.