Шукова до Ѓорѓиевски: да се соочиме и да зборуваме за факти

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, на прес-конференција го повика Орце Ѓорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ) на јавно соочување за состојбата со Вардариште. Таа тврдеше дека управувањето со отпадот е јасно локална надлежност и обвини дека градските власти „бегаат од одговорност“ за еколошкиот ризик на локацијата.

Во соопштението Шукова нагласи дека „законот е јасен – отпадот е локална надлежност“ и дека, според неа, четири години се игнорира обврската проблемот да се реши. Таа посочи дека градоначалниците се директно одговорни за управување со комунален и комерцијален отпад, одржување јавна чистота и расчистување на напуштен отпад, донесување мерки за селекција, транспорт и контрола, реализација на проекти за подобрување, како и за соработка со општините и со Градот Скопје.

Шукова оцени дека наместо планирана претоварна станица, на Вардариште денес има „отворена депонија со чести пожари“, што, како што рече, е последица на „нереагирањето на градските власти“. Таа најави план во две фази: итно оградување, 24-часовен надзор, расчистување и забрана за пристап, по што би следела изградба на затворена, еколошка претоварна станица со системи за селекција, контрола и транспарентност.

„Го повикувам Орце Ѓорѓиевски на јавен дуел пред граѓаните. Нека ги донесе аргументите дека од Вардариште ќе направи парк; јас ќе ги донесам фактите и законите“, изјави Шукова, додавајќи дека „граѓаните ќе пресудат кој има решение, а кој само празни ветувања“.

Зачлени се на нашиот е-билтен