Шукова до Мицкоски: Скопје се гуши – престанете со фатаморгана

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, реагира на денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека испитуваните параметри не покажуваат алармантни вредности на загаден воздух во главниот град.

„Додека Скопје се гуши, Мицкоски живее во паралелен свет, а таму воздухот е чист, депониите се европски, а граѓаните среќни. Во реалноста, чадот и ПМ честичките од Вардариште и Дрисла влегуваат во секој дом и секое училиште. Можеби на премиерот му се чини дека тоа е ‘фата моргана’, но реалноста е дека ова е труење на граѓаните!“, порача Шукова на својот профил на Фејсбук.

Таа оцени дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ „молчат наместо да понудат решенија“, додавајќи: „Нивните градоначалници четири години не испланираа, ниту пак реализираа проекти за намалување на загадувањето на воздухот.“

Шукова потсети и на својот план за итни мерки: оградување и обезбедување на Вардариште и поставување нова, современа претоварна станица по европски стандарди. „Со тоа, Скопје конечно ќе добие чист воздух и систем за отпад кој работи за граѓаните, не против нив!“, истакна таа.

Зачлени се на нашиот е-билтен