Кандидатката на СДСМ за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, упати остра критика до, како што рече, „партиското управување со градот“ и побара пресврт кон политики што ги ставаат потребите на граѓаните над партиските калкулации.
„Видовме што значи партијата и партиските интереси да се стават пред здравјето на луѓето, видовме што значи заради политички инает да се уништи градот, претпријатијата и со тоа животот на граѓаните. Видовме како развојот на градот се кочи поради бизнис-договори и како Скопје се уништува заради партиски профит,“ изјави Шукова.
Според неа, последните години Скопје било „заложник на расправии и интереси“:
„Никогаш нашиот град не бил толку далеку од своите граѓани. Ова се случува секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ владее со градот. Го претвораат градот во партиски вилает за да ги спроведуваат партиските агенди,“ рече Шукова, предупредувајќи дека „во следните четири години ќе го претворат Скопје во поле за лични и партиски профити“ доколку продолжи истата практика.
Таа оцени дека наместо одговорно управување, градот бил жртвуван во политички пресметки со градоначалничката која „на почеток била поддржана, а потоа отфрлена“. „Денес секој булевар, секоја улица, секое маало сведочи за нивниот неуспех. И тоа ние, Скопјани, нема да го дозволиме повторно,“ додаде таа.
Во фокусот на критиката се и основните градски услуги:
„Јавниот превоз е целосно уништен, ѓубре има насекаде, нема систем за чистење, контејнерите се преполни. Културното пропаѓање и уништувањето на урбаниот дух се резултат само на ВМРО-ДПМНЕ – на никој друг,“ порача Шукова.
Завршната порака на кандидатката е повик за мобилизација и враќање на градот кај граѓаните:
„Скопје е за скопјани. Доста е од партиски интереси. Ни треба градоначалник кој не дели, туку обединува и работи исклучиво за својот град,“ нагласи Шукова.