Шукова: Ќе не има!

Претседателката на Форумот, Каја Шукова, изјави дека јавноста е во тага, шок и бес по случајот во Карпош, каде згаснаа животите на мајка и малолетна ќерка. Таа тврдеше дека во претходните две години имало 12 пријави за семејно, физичко и психичко насилство и дека системот не реагирал навреме и соодветно, поради што, според неа, одговорноста мора да биде политичка и да почне од врвот на МВР.

Шукова во настапот ја прошири критиката и на други трагични случаи што ја потресоа јавноста во изминатиот период, оценувајќи дека се повторува истата шема – предупредувања, пријави и индикатори за ризик, а потоа задоцнета или недоволна реакција. Според неа, министерот се обидувал да ја тргне одговорноста од себе со пораки за „заштита 24/7“ и со јавни настапи, но без видлива отчетност.

Покрај маршот во Богданци, Форумот најави целосна поддршка и за граѓанскиот осмомартовски марш во Скопје, кој стартува во 12 часот од паркот „Жена борец“, со порака дека 8 Март годинава ќе биде ден за јавно и гласно барање за безбедност и одговорност.

Во повикот за учество доминира пораката дека молкот нема да продолжи и дека жените ќе настапат обединето, со слоганот „Има да нè има“, како политичка реакција на чувството дека институциите не ја испорачуваат основната заштита кога насилството веќе е пријавено и препознаено како ризик.

Зачлени се на нашиот е-билтен