Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, на панел дискусијата посветена на улогата на жените во енергетската транзиција потенцираше дека потребно е жените да се вклучат во процесите на одлучување во локалните средини и мора да се овозможат механизми за праведна, инклузивна и енергетска транзиција со учество на жените, преку заедничкото вклучување на владите, индустриските чинители, граѓанското општество и заедниците.
„За спроведување на инклузивна и праведна енергетска транзиција, исклучително е важно вклучувањето на родовиот аспект и како Министерство, согласно нашите ингеренции, го третираме овој аспект при креирање политики“, изјави министерката Шукова.
На овој панел, покрај Шукова дискутираа и Моника Гриефан, поранешна министерка за животна средина во една од германските покраини и еминентна политичарка, како и Нита Старова, проектна координаторка во Фондација Фридрих Еберт.
На третиот Социо-еколошки форум што викендов се одржа во Скопје, беше нагласено дека брзиот технолошки развој и продор на иновативните и новите поеколошки технологии во енергетскиот сектор, мора да ги пратат и стратешките политики и правната регулатива во државата, што ќе овозможи еднакви можности и пристап за сите земајќи ги предвид и ранливите категории. Министерство за животна средина и просторно планирање меѓу првите во регионот го вклучи родовиот аспект во стратешките документи што се однесуваат на климатските промени.