Шукова: Реформи во ЈСП и „Комунална“ за функционално Скопје

Скопје е запуштено и хаотично затоа што јавните претпријатија се заробени од партиски интереси, долгови и неспособни раководства, рече кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ и коалицијата, Каја Шукова. „Граѓаните плаќаат за услуги, а добиваат насобран смет, нефункционален превоз и хаотична инфраструктура. Мој приоритет е вистинска реформа на јавните претпријатија да им служат на граѓаните, а не на партиите“, изјави таа.

Во делот за јавниот превоз, Шукова најави модернизација на ЈСП со нови еколошки автобуси, електронски систем за наплата и воспоставување брз автобуски транзит (BRT) за поголема брзина и редовност на линиите.

За „Комунална хигиена“ најави современ центар за селекција и рециклажа, редовно собирање отпад и конечно решавање на локацијата „Вардариште“. Во „Паркови и зеленило“ планира засадување 10.000 дрвја и отворање 15 нови паркови за 15 месеци, со редовно одржување и враќање на зеленилото по маалата. „Водовод“ би се насочил кон поcигурно снабдување, нова опрема и намалување на загубите на вода.

Шукова најави и надградба на ЈП „Лајка“ во „вистински хуман систем“ за згрижување и грижа за уличните животни, со подобрени услуги и транспарентни процедури.

„Скопје ќе добие функционални и транспарентни јавни служби. Градот мора да работи и да се грижи за жителите; време е институциите да им служат на граѓаните, а не на партијата“, порача Шукова.

Зачлени се на нашиот е-билтен