Шукова: Три итни приоритети за Скопје – отпадот, јавниот транспорт и загадувањето на воздухот

Три итни приоритети за Скопје - отпадот, јавниот транспорт и загадувањето на воздухот, вели Шукова

Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, во подкастот „Каде се парите?“ истакна дека градот мора веднаш да се фокусира на три приоритети решавање на проблемот со отпадот, воспоставување функционален јавен транспорт и спроведување брзи мерки за намалување на загадувањето на воздухот, , се наведува во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.

„Мора да се среди отпадот, да се воспостави систем за интегрирано управување со отпад, мора да се реши јавниот транспорт и мора да се спроведат сериозни, краткорочни мерки за намалување на загадувањето“, изјави Шукова.

Таа објасни дека нејзината програма е изработена врз основа на три временски периоди: краткорочен, среднорочен и долгорочен, со системска поврзаност меѓу мерките. Дел од решенијата, како што е воведувањето на брзиот автобуски систем (БРТ), можат да се спроведат веднаш.

„Граѓаните очекуваат брзи и видливи резултати, но и континуитет во политиките. Она што е добро мора да продолжи, без разлика кој е градоначалник“, нагласи таа.

Шукова потенцира дека токму недостигот на континуитет е една од најголемите слабости во работењето на институциите и општините.

„Во изминатите години гледаме дека нема континуитет во работата. Она што е добро, често се прекинува само затоа што доаѓа нова гарнитура на власт. Ако сакаме поуспешно и подобро Скопје, мора да воспоставиме систем на континуитет и соработка меѓу сите институции“, истакна Шукова.

Таа додаде дека јавните претпријатија на Град Скопје моментално не функционираат и дека тоа мора итно да се промени.

„Само со заедничка работа и со институции што функционираат можеме да создадеме град во којшто граѓаните ќе имаат подобра услуга, почист воздух и поуреден јавен простор“, порача Шукова.

Шукова: Преку дигитална алатка граѓаните да учествуваат во планирањето на сопствениот град

Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, во гостување на подкастот „Каде се парите?“ потенцираше дека најголемиот проблем во урбанизмот е отсуството на просторен план, и на државно и на градско ниво. Таа порача дека без јасни насоки за уредување на просторот, градот не може да се развива на плански и одржлив начин.

„Просторниот план на државата е со истечен рок, а недостасува и просторен план за Скопскиот регион. Без тие документи, се сведуваме на детални урбанистички планови кои носат хаос во Скопје“, изјави Шукова.

Таа објасни дека новиот Генерален урбанистички план мора да произлегува од просторниот план и да се темели на серија сеопфатни студии за сообраќај, животна средина, култура, земјоделие и природата, бидејќи само така може да се создаде вистинска слика за насоките на развојот на градот.

„За жал, дел од студиите се стари по неколку години и најверојатно ќе треба процесот да се повтори. Тоа ќе значи и одредено доцнење, но мора да направиме план што ќе одговара на реалните состојби“, додаде таа.

Шукова најави дека во меѓувреме градот мора да биде отворен и транспарентен кон граѓаните. Таа истакна дека постои дигиталната алатка „Smart Skopje“, која овозможува електронско вклучување на јавноста во процесите на планирање, но во изминатите четири години не била искористена.

„Скопје има можност за дигитално и транспарентно носење на деталните урбанистички планови, но тоа не се спроведе. Ќе ја активираме оваа алатка за граѓаните да учествуваат во планирањето на сопствениот град“, нагласи таа.

Во својата програма, Шукова предвидува повеќе зеленило и хуман простор, потсетувајќи дека минимумот од 25% зеленило е законска обврска што мора да се почитува.

„Мораме да знаеме каков град сакаме, и врз основа на тоа да го направиме Генералниот урбанистички план. Само така ќе изградиме уредено, хумано и зелено Скопје“, порача Шукова.

Зачлени се на нашиот е-билтен