Швајцарија ги замрзна имотите на Мадуро, мерката важи 4 години

Швајцарскиот Федерален совет на 5 јануари 2026 одлучи со итна важност да ги замрзне сите средства што Николас Мадуро и други лица поврзани со него евентуално ги имаат во Швајцарија, со цел да спречи нивно изнесување во актуелната, „нестабилна“ ситуација во Венецуела.

Одлуката, како што се наведува, не се однесува на членови на актуелната венецуелска влада. Швајцарија ја образложува мерката како претпазлива, насочена кон тоа да се обезбеди основа за евентуални идни постапки за меѓународна правна помош; доколку тие покажат дека средствата се стекнати незаконски, Берн најавува дека ќе настојува тие да бидат искористени во корист на венецуелскиот народ.

Во соопштението се посочува дека ова замрзнување е донесено врз основа на федералниот закон за замрзнување и враќање на незаконски стекнати средства на странски политички експонирани лица (FIAA) и дека е дополнително на санкциите кон Венецуела што Швајцарија ги применува од 2018 година согласно Законот за ембарго, кои веќе вклучуваат и замрзнување средства. Новата мерка, наведуваат властите, таргетира лица кои претходно не биле санкционирани во Швајцарија.

Берн ја врзува одлуката со развојот на настаните по апсењето на Мадуро на 3 јануари 2026 од американски сили и неговото пренесување во САД, оценувајќи дека во наредните денови и недели се можни повеќе сценарија. Швајцарија, се додава, повикува на деескалација, воздржаност и почитување на меѓународното право, вклучително забраната за употреба на сила и принципот на почитување на територијалниот интегритет, и повторува дека ги нуди своите „добри услуги“ за мирно решение.

Федералниот совет појаснува дека при замрзнувања според FIAA не е пресудно зошто дошло до пад од власт, ниту дали тоа се случило законски или спротивно на меѓународното право. Одлучувачки, според швајцарската рамка, е фактот дека пад од власт се случил и дека сега постои можност државата на потекло во иднина да отвори правни постапки во врска со незаконски стекнати средства.

Мерката стапува на сила веднаш и ќе важи четири години, до ново известување.

Зачлени се на нашиот е-билтен