Додека Швајцарија вложува стотици милиони евра во обновување на својата мрежа од 370.000 атомски засолништа, кај нас, под Водно, под Скопското Кале и низ целиот град, постојат децениски скривници и бункери од Втората светска војна и дел од нив изградени по неа– но никој точно не знае во каква состојба се и дали воопшто би можеле да се користат денес.
Во срцето на Цирих, на пример, подземната гаража „Уранија“ е скриена тврдина на седум нивоа која во случај на опасност може да смести 11.000 луѓе, обезбедувајќи им вода, струја и филтриран воздух. Швајцарците ја нарекуваат „цивилна заштита“, но нивната подготвеност е речиси национален спорт.
Од 2026 година, земјата ќе почне голема реконструкција на 200 поголеми бункери, со инвестиција од над 250 милиони евра, додека кантоните веќе ги заменуваат вентилационите системи стари 40 години, за што е издвоен фонд од 1,2 милијарди долари.

Професорката Силвија Бергер Зиаудин од Универзитетот во Берн вели дека „менталитетот на бункерот“ е дел од националниот ДНК на Швајцарија, развиен од времето на Студената војна до денес, кога Европа повторно се соочува со воени закани.
Во случај на опасност, владата би ги активирала засолништата во рок од пет дена, а граѓаните би добиле точни инструкции каде да одат.
Заборавените бункери на Скопје
На Водно, под ридовите се наоѓа мрежа на бункери изградени за време на поранешна ЈНА.
Според старите воени извори, тие биле поврзани преку телефонски линии долги два метра со сите тогашни касарни во земјата, за да се овозможи координација во случај на напад.

Некои делови на системот биле осмислени дури и за брзо лансирање и слетување на авиони, а во подножјето на ридот постоела тајна врата преку која воените единици можеле да излезат директно надвор од комплексот.
Денес, тие скривници не функционираат.




Она што некогаш било стратешка мрежа за одбрана, денес е депонија обрасната во грмушки. Влезовите се затрупани со земја и ѓубре, а дел од нив се претворени во места што жителите ги избегнуваат.
Под Кале – скривници без врати и со ронливи ѕидови
Истиот тажен пејзаж може да се види и под Скопското Кале.
Таму каде што некогаш постоеле бетонски влезови со заштитни врати, денес има отворени дупки без заштита, урнати ѕидови и ходници кои водат во темница.

Некои влезови сè уште имаат рѓосани железни врати, други се целосно отворени, со мирис и изглед на јавен нужник.
На крајот од тесните ходници, мали отвори водат во простории што некогаш биле предвидени за сместување на граѓани во случај на напад.
Денес таму владее целосна темница и чувство на небезбедност, што го прави секое навлегување ризично и речиси невозможно.
Колку засолништа има на хартија?
Според податоците на Град Скопје, во главниот град постојат дванаесет големи засолништа — во општините Гази Баба, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во цела земја, околу сто вакви објекти се регистрирани како „функционални“ во случај на елементарна непогода или војна.
Но реалноста е поинаква: поголемиот дел од нив се во нефункционална состојба, не се одржуваат, а дел се пренаменети или затрупани.

Од арка до депонија
Додека Швајцарија вложува милијарди за да го заштити секој свој граѓанин, Скопје ја губи сопствената безбедносна мрежа пред очи.
Во Скопје, пак, дел од старите засолништа под Водно и под Кале, денес се заборавени простории — некои пренаменети, некои затрупани, а некои можеби уште во функција, но без јавни информации за нив. Во 60-тите и 70-тите години, градот бил преполн со вакви објекти, се граделе и под јавни згради, но архивите за нив се тешко достапни или непостојат.
Еден швајцарски експерт го сумира овој пристап со реченица која звучи како предупредување и за нас:
„Ное не ја градел арката за време на потопот – ја градел пред потопот. Можеби никогаш нема да ви треба, но ако ви затреба, ќе бидете среќни што ја имате.“


