Швајцарија се залага ОБСЕ да има клучна улога во следењето на примирјето во Украина

Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) би можела да има голема улога во следењето на прекинот на огнот меѓу Русија и Украина, изјави денес швајцарскиот министер за надворешни работи Ињацио Касис.

„Веќе постојат конкретни размислувања во таа насока. Организацијата е способна да распореди неколку десетици луѓе за многу кратко време. ОБСЕ би можел да го набљудува прекинот на огнот, да ја следи линијата на прекин, да ги следи изборите и други прашања“, рече Касис, чија земја ќе претседава со ОБСЕ во 2026 година.

Касис за швајцарскиот неделник Зонтагблик изјави дека „фронтовата линија моментално се протега на 1.300 километри – самиот ОБСЕ е премал за да ја следи целата нејзина должина. Тоа би барало значителна посветеност од земјите учеснички“.

„Мојата цел е ОБСЕ да биде подготвен. Штом се постигне договор, сакаме да можеме веднаш да започнеме со работа“, додаде Касис.

Според него, истражна мисија најпрво би можела да биде испратена во Украина за да ја процени ситуацијата, по што ОБСЕ би можел брзо да ги преземе следните чекори.

Швајцарскиот весник додава дека трите дена разговори во американската сојузна држава Флорида меѓу украински и американски претставници не донеле значителен напредок.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе продолжи со преговорите за „вистински мир“, додека Русија продолжи со напади со дронови и ракети врз Украина.

Зачлени се на нашиот е-билтен