Шведска протера кинеска новинарка со образложение дека е закана за националната безбедност, објавија денеска шведските медиуми.
Шведската служба за безбедност во октомври уапси неименувана кинеска новинарка (57), а минатата недела е протерана од земјата, јави шведската телевизија СВТ.
Забрането и е да се врати. Таа дошла во Шведска пред околу 20 години. Имала дозвола за престој и била во брак со Швеѓанец, со кој има деца.
Новинарката била во контакт со Кинеската амбасада и луѓе во Шведска кои се поврзани со кинеската влада, според СВТ.
Нејзиниот адвокат Леутрим Кадриу изјави за СВТ дека не смее да дава детали за случајот, и дека таа не се смета себеси за закана за Шведска.
Таа известувала и од Норвешка, Данска, Финска и Исланд.
Односите меѓу Стокхолм и Пекинг се затегнати со години.