Погрешната медиумска стратегија на демократите е една од главните причини зошто потпретседателката Камала Харис ja изгуби претседателската трка против поранешниот претседател Доналд Трамп, изјави Ван Џоунс, политички коментатор на „Си-Ен-Ен“.
– Не победија затоа што конзервативците и републиканците креираа поинаков медиумски систем, изјави Џонс на телевизијата.
– Тоа е се однесува на нивното онлајн присуство, на подкастите, на стриминг платформите. Тие ги инвестираа своите пари таму.
Џонс со жалење истакна дека многу демократи и медиумски куќи од мејнстрим медиумите „се смееја на Трамп затоа што ја отфрли нивната игра на теренот и правеше чудни работи онлајн.“
– Излезе дека ние сме идиотите. Се разбудивме во мртовечка вреќа затоа што додека ние тропавме по врати, тие ги претворија телефоните во 24-часовно политичко оружје во своја корист.
Во вторникот, Трамп победи лесно и убедливо освојувајќи ги седумте клучни држави, откако со недели одбиваше настапи на главните американски телевизии. Наместо тоа, тој се појавуваше на популарни подкасти и други онлајн програми, вклучувајќи го и шоуто на Џо Роган и други емисии чија публика е претежно составена од млади потписници од машки пол, гласачки блок кон кој републиканскиот кандидат агресивно апелираше.
Поранешниот претседател, во текот на кампањата исто така тесно соработуваше со Такер Карлсон, поранешен водител на Fox News, кој сега има своја емисија на социјалната платформа X, како и со сопственикот на платформата, Илон Маск,
Иако демократите имаа одреден успех кај пониските ешалони ставени на избори, најмалку во следните две години тие најверојатно ќе се соочат со доминација на републиканците. Покрај Белата куќа, на изборите во вторникот републиканците го презедоа и Сенатот, и се фаворити да го задржат со мало мнозинство и Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.
Борис Камчев од Вашингтон, специјално за Рацин.мк