Си-Ен-Ен: Преговорите одат точно како што сака Москва

Одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски да го испрати министерот за одбрана Рустем Умеров на состанок со руска делегација од понизок ранг во Истанбул беше тешка, но неопходна. Тој потег е насочен само кон едно лице – американскиот претседател Доналд Трамп, пишува Си-ЕН-Ен во анализа на преговорите меѓу Украина и Русија.

Киев мора да покаже дека е подготвен да направи секој чекор кон мирот, без разлика колку е симболичен, за да не ризикува Трамп постепено да почне да ги слуша про-Кремљ гласовите околу него, да го изгуби интересот за целиот процес или да ја ограничи помошта за Украина.

Но, како што пишува медиумот, мировниот процес всушност се одвива точно како што сака Русија – полека, според распоредот што го диктира Кремљ.

Во неделата откако Франција, Велика Британија Германија и Полска застанаа на страната на Украина и побараа безусловно 30-дневно примирје, стана јасно што навистина мислат Владимир Путин и Доналд Трамп за преговорите.

Клучното сознание, според Си-Ен-Ен, е дека Кремљ не се плаши од нови санкции, ниту од европски притисок, ниту пак се чувствува обврзан да реагира на предлозите на Трамп. Засега, Путин проценува дека потенцијалните внатрешнополитички ризици од заедничка фотографија со Трамп и Зеленски се далеку поголеми од можната штета поради незадоволството на Трамп.

Одбивањето да се придружи на иницијативата на Западот е пресметан ризик кој се чини дека веќе се исплати. Одговорот на Трамп, односно изјавата дека „ништо нема да се случи додека тој и Путин не се сретнат“, ги фрли на ветерот сите дипломатски планови додека не се одржи таа билатерална средба. Путин со тоа добива слобода на дејствување, свесен дека американскиот лидер всушност верува дека нема напредок без средба меѓу двајцата претседатели.

Не е невозможно средбата меѓу Путин и Трамп да се случи наскоро, па дури и преговорите во Истанбул да се претворат во најава за таков самит за време на викендот. Но, Путин очигледно ужива гледајќи како мировниот процес се одвива со брзина на полжав, со доволно лажна сериозност што Белата куќа не може целосно да се откаже. Зошто да се брза?

Во меѓувреме, руските сили се натрупуваат по должината на источниот фронт, очигледно како дел од поширокиот стратешки план на Москва. Одлуката да се игнорираат повиците на Трамп открива две клучни работи: Путин е подготвен да се подложи на дополнителните „силни санкции“ со кои се заканува Франција и да го отфрли самитот во Истанбул. Тој очигледно и правилно процени дека незадоволството на Трамп ќе биде ограничено.

Според Си-Ен-Ен, Путин бил подготвен да ризикува неколкудневни шпекулации за неговото пристигнување, знаејќи дека со тоа ќе избегне притисок и ќе го зајакне впечатокот дека сè зависи од него. На крајот на краиштата, не е ни познато дали тој некогаш навистина ја разгледал понудата на Зеленски за директна средба. Можеби тој веќе цело време ги преговарал условите за сопствената средба со Трамп, можеби не.

Зеленски сега е во неблагодарна позиција. Тој мора да остане блиску до преговорите, во случај да има ненадеен пробив, но во исто време не смее да изгледа како да чека на следниот потег на Путин. В петок, како што тврди, има однапред планиран самит во Албанија, но веднаш потоа мора да се врати на преговорите.

Во исто време, станува сè појасно дека Трамп можеби нема да воведе дополнителни санкции врз Русија, и покрај очекувањата од Европа и самата Бела куќа. Ограничениот, технички состав на руската делегација во Истанбул му дава на Трамп доволно алиби за да ја одржи надежта за напредок и да одложи каква било ескалација кон Москва.

Разговорите, заклучува Си-Ен-Ен, веројатно ќе продолжат да се одвиваат со застој, со максималистичките барања на Кремљ и постојаните апели на Украина за прекин на огнот, што Русија упорно го отфрла. И токму ова темпо и структура на процесот му одговараат на Кремљ, бидејќи му даваат моќ, простор и време.

Дури и со учеството на високите функционери на Трамп во преговорите, многу е веројатно дека ќе се постигне минимален напредок и дека ќе се разговара за понатамошни разговори. И токму тоа го сака Кремљ, наведува Си-Ен-Ен.

Зачлени се на нашиот е-билтен