Шефот на украинската дипломатија, Андриј Сибиха, во телефонски разговор со американскиот државен секретар Марк Рубио изјави дека безбедносните гаранции што Киев треба да ги добие мора да вклучуваат воени, дипломатски и правни мерки.
Во телефонскиот разговор учествуваа и шефовите на дипломатиите на неколку европски земји и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.Сибиха истакна дека разговорот се темелел на претходните контакти меѓу лидерите на Украина и САД, успешната посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Вашингтон и работата на советникот за национална безбедност, пренесува Укринформ.
-Ја потврдив позицијата на Украина дека безбедносните гаранции мора да бидат конкретни, правно обврзувачки и ефикасни, рече тој, додавајќи дека тие исто така „мора да бидат мултидимензионални, вклучувајќи воено, дипломатско, правно и друго ниво“.Сибиха истакна дека зајакнувањето на украинската армија е клучен дел од какви било гаранции, додавајќи дека Киев е подготвен да преземе понатамошни чекори за постигнување мир.