Најновите мировни напори на американскиот претседател Доналд Трамп се успешни, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, коментирајќи го прекинот на војната меѓу Израел и Иран, објави унгарската новинска агенција MТИ.
„По решавањето на пакистанско-индискиот конфликт, оружјето веќе молчи во војната меѓу Израел и Иран, така што дојде време да се поддржи политиката на американскиот претседател кон Украина“, објави Сијарто денеска на Фејсбук.
Тој посочува дека примирјето ќе спречи понатамошно крвопролевање, уништување и закана од нуклеарна ескалација.
„Се надеваме дека прекинот на огнот ќе се покаже како траен, посочува Сијарто.
Потенцира дека мировните напори на Трамп во Украина исто така заслужуваат целосна поддршка од сите.