Претседателката Гордана Сиљановска–Давкова најави дека приоритет ѝ е што побрзо конституирање Совет за дијаспора, тело преку кое, како што рече, државата „континуирано“ ќе ги уредува односите со иселеништвото. Обраќајќи им се на нашинците на настан по повод триесетгодишнината од воспоставување дипломатски односи со Соединетите Држави, таа побара меѓусебно да не се пренесуваат и да не се создаваат нови поделби, туку да се „остане заедно“ и во татковината и во заедниците надвор.
„Должници сме кон вас“, рече претседателката, ветувајќи интензивирање на контактите со дијаспората и извинувајќи се за „неправдите“ што ги чувствувале во минатото. Нагласи дека успех во земјава бара знаење и интегритет, додека „најдоброто премногу често си заминува“, признавајќи дека за многумина САД се „втора татковина“.
Во делот посветен на јубилејот со Вашингтон, Сиљановска–Давкова повика на продолжување на стратешкото партнерство и во наредните децении, оценувајќи дека во „време-невреме“ е важен сојуз со „голем пријател“.
Настанот мина со присуство на министрите Тимчо Муцунски и Орхан Муртезани, дипломатски претставници и јавни личности. Во дипломатската ретроспектива беше потенцирана континуираната надградба на политичкиот дијалог со САД уште од отворањето на Канцеларијата за врски во Вашингтон во 1994 и амбасадата една година подоцна, со фокус на заеднички придонес во демократијата, безбедноста и стабилноста.