Сиљановска-Давкова: на 34 години независност — битка за европска, правна држава

По повод 8 Септември, 34-годишнината од независноста, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка во која повика на внатрешно единство и доследност кон референдумската волја од 1991 година. Таа потсети дека државата и понатаму се соочува со политички поделби, надворешни притисоци и компромиси „кои не се усогласени со референдумската одлука и со меѓународното и националното право“, нагласувајќи дека борбата за суверенитет и еднаквост во рамките на Европската Унија останува отворена.

„Денес, во свет заснован повеќе на сила отколку на право, сè уште водиме битка за суверена, рамноправна, модерна, европска и правна држава,“ порача претседателката, додавајќи дека неправдите не се отстрануваат „со потег на перо“, туку со упорна домашна и меѓународна работа, правни аргументи и внимателни политички активности. Таа подвлече дека градењето пријателства, а не избрзани потези, и внатрешното единство, а не поделбите, се предуслови за успех.

Сиљановска-Давкова истакна дека нема да се откаже од македонските национални интереси и дека тие мора да се реафирмираат и бранат дома и во европските и меѓународните институции, на правен, политички и демократски начин. Според неа, патот кон право и правда води преку целосно европеизирање на државата — почнувајќи од примената на Копенхашките критериуми, функционален систем на контроли и рамнотежи, конкурентна економија, партиципативна политичка култура, силно граѓанско општество и слободни медиуми.

Во пораката до младите, претседателката нагласи дека нивниот останок и напредок не се обезбедуваат со партизација и политизација, туку со образование и наука што наградуваат знаење, труд и заслуги. „Ако дома создадеме европски амбиент, сигурна сум дека нашите деца и внуци ќе сакаат да живеат и творат тука — или, ако се надвор, постојано да соработуваат со татковината,“ додаде таа.

Зачлени се на нашиот е-билтен