Самитот на НАТО во Хаг ќе остане запаметен по единството, решеноста заедно да тргнеме кон мирен период, бидејќи сите денеска истакнуваа дека како да сведочиме на чин на постигнување на примирје и отворање процес на преговори, оцени претседателката Гордана Сиљновска-Давкова по завршувањето на Самитот.
Истакнав, порача, дека иако сме мала држава се однесуваме како кредибилен партнер на НАТО.
„За разлика од многу други ние издвојуваме 2 проценти од БДП, а донесена е и одлуката за зголемување на процентот. Потенцирав дека тоа може да биде само градуелно и дека остануваме посветени на обврската, но мора да се внимава на финансиската моќ на државата, рече Сиљановска-Давкова на прес-конференција во Хаг“, јави известувачот на МИА.
Нагласила, како што рече, дека како земја повеќе би сакале да издвојуваме за наука и за образование, но заради консензусот и решеноста, додаде, кога сте во друштво со кое делите исти принципи и вредности мора да ги почитувате заедничките одлуки.
„На Самитот потенцирав дека верувам во збогум оружје и во насушната потреба од траен мир и во мојот говор посочив дека на 26 јуни се одбележуваат 80 години од ОН, на овој датум е и изјавата на Џон Кенеди дадена во Берлин дека се чувствува како берлинец, но предупредив и дека на 26 јуни почна војната во поранешна Југославија во 90-тите години и дека тоа е едно предупредување за важноста на Западен Балкан како интегриран во ЕУ. Повикав на деблокирање на пристапниот процес и предупредив дека не се работи само за начелото на проширување и на политиката на проширување како важна со која ќе се круниса фактот дека низ историјата сме биле не само географски, историски и културно дел од Европа, туку дека е во прашање безбедноста на регионот, а со тоа и безбедноста на ЕУ и на Европа“, посочи Сиљановска-Давкова и додаде дека мисли оти пораките биле примени.
Рече дека денеска во Хаг остварила средби со колегите од Естонија, Финска и Чешка и оти е потврдено дека словачкиот претседател набрзо ќе престојува во официјална посета во Скопје. Имала и разговори со други државници, а и кратка средба со претседателот на САД Доналд Трамп.
-Разговорите што ги водевме беа плодни, пријателски и со разбирање. Разговаравме за деблокирањето на нашите преговори со ЕУ. После тоа што се случи мислам дека не треба да се однесуваме триумфалистички и дека треба да ги мериме зборовите и да се охрабруваме меѓусебе. Имав ипротоколарна средба со премиерот на Бугарија за кого мислам дека е прав џентлмен, многу пристоен политичар, спремен за разговори и за дијалот. Токму тоа е она што нам ни треба, потенцира Сиљновска-Давкова.
Мојата основна порака, посочи, е дека можеби наместо да бараме и да очекуваме посредништво, треба сами да седнеме и да видиме каде сме, каде одиме.
„Прашањата за модерен јазик, модерна нација е крајно проблематично и тоа не само научно, туку и политички. Сите нации настанале во втората половина на 18. и во 19. век, вклучувајќи ја и нашата нација. Малку е невообичаено сега да барате да се избрише тоа што е внесено во Извештајот за напредокот на земјава од Томас Вајц ако се инсистирале на реактуелизирање на нешто што е ад акта – на разговори за нација, јазик, историја. Тоа се прашања кои како вредности и принципи воопшто не треба да бидат на агендата, но ако некој инсистира на нивно ставање на агендата, а тоа се случи, тогаш сигурно дека и оној кој известува ќе се обиде да каже дека не се работи за специфична нација, јазик и историја, туку за нешто што важи за сите европски нации бидејќи ЕУ е сојуз на држави нации. Сите имаат ист статус што значи и ние би требало да го уживаме истиот статус“, порача македонската претседателка.