Претседателката, Гордана Сиљановска Давкова ја информира јавноста дека Кабинетот бил во процес на формирање Совет за дијаспора како институционален облик на соработка.
„Како мост и канал за постојана комуникација со дијаспората. Јас, лично, но и мојот Кабинет ви стоиме на располагање за промоција, поврзување, посредување, презентирање, консултирање, информирање, поддржување, интегрирање со домашните субјекти од различен тип и во различни области. Сакам да ја споменам нашата работа на Дигиталниот регистар на најуспешните во дијаспората, како неопходна алатка за поврзување, вмрежување и стратешко вклучување на дијаспората во развојните процеси во татковината. Со неа целиме кон мапирање на научниците и експертите, политичките и бизнис-лидерите, културните и спортските дејци како вреден потенцијал и извор на ум, знаење, вештини и искуство, неопходни за креирањето програми и политики“, информира Кабинетот преку соопштение за она што го истакнала претседателката во своето обраќање.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го врачи признанието, кое во соработка со „Македонија 2025“, се доделува на истакнати личности од дијаспората за нивниот придонес во економскиот развој, здравството, социјалната сфера, образованието, науката, културата и во други области.
За исклучителна научна работа признание доби д-р Светлана Мојсов, светски позната професорка на Универзитетот Рокфелер во Њујорк, која остави длабок и траен белег врз модерната медицина.
Признание за извонредната поддршка и медицинска помош доби Хуманитарното здружение „ЛецКер а.с,б.л.“ (LetzCare a.s.b.l) од Луксембург, а наградата ја прими неговиот претседател Сафет Алили.
За претседателката хуманоста и солидарноста се вградени во нашиот код и крунисани со животната приказна и дело на Мајка Тереза. „Очекува“, рече таа, „ова признание да инспирира и многу други нашинци на правење хумани дела, особено важни за најранливите сограѓани“.
Сиљановска-Давкова истакна дека давањето признание на личности и организации од дијаспората е етички и морален чин на вреднување на добрите дела и докажување на нераскинливото заедништво со нив.
„Визијата на „Македонија 2025“ е и наша визија: да бидеме компетитивен регионален економски играч со просперитетна економија, што се развива во амбиент на енергетска сигурност, да бидеме држава со добар образовен и научен систем, поврзан со вештачката интелигенција и дигитализацијата, да бидеме еколошка држава, правна држава, потпрена како што јас понекогаш потсетувам, на Веберовиот модел на стручна и компетентна државна и јавна администрација, со почитувана епистемолошка заедница којашто, за жал, денеска заминува надвор, да имаме развиено граѓанско општество и демократска јавност“, рече претседателката во своето обраќање.
Сиљановска – Давкова, потенцираше дека во светски и европски амбиент на неизвесност од секаков тип, од мировна до еколошка, логичен императив е да се обедини сиот социјален капитал.
„За реформи е потребен домашен политички договор, но и договор со ЕУ и со нашите стратешки партнери, како и со дијаспората заради нејзината докажана креативност и капацитет во острата конкуренција во меѓународниот економски поредок, но и во културниот натпревар на државите, нациите и на поединците. Се разбира, наша најголема национална обврска е да си го чуваме, браниме и негуваме националниот идентитет и неговиот интегритет и дигнитет. Да не се откажуваме од етичките вредности и принципи, да ги почитуваме, ако сакаме да се повикуваме на нив, кога другите ги кршат кон нас. Да не го забораваме општото добро – res publica и да не го жртвуваме за личните и за колективните интереси“ рече таа.