Сиљановска-Давкова по средбата со Пелегрини: Словачка силно ја поддржува нашата ЕУ-иднина

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по средбата со словачкиот претседател Петер Пелегрини истакна дека Словачка е меѓу „нашите најверни и најпосветени поддржувачи“ на европската интеграција на Северна Македонија. Двајцата лидери имаа заедничка изјава во рамки на официјалната посета во Скопје, каде беше најавено и продлабочување на соработката во економијата и културата.

Сиљановска-Давкова ја нагласи континуираната словачка поддршка за проширувањето на ЕУ и за принципот „заслуги и резултати“, без „дополнителни, ирационални политички условувања“ во процесот на пристапување. „Словачка е еден од нашите најверни и најпосветени долгогодишни поддржувачи на европската интеграција… Нема подобро чувство од тоа да видите како претседател на земја-членка на ЕУ ви изразува јасна поддршка на европскиот пат“, рече таа.

Во културниот дел од односите, претседателката посочи на големиот интерес за македонскиот јазик во Словачка и на повторното воведување настава по македонски на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, каде функционира и лекторат по македонски јазик. Како дел од културната дипломатија, таа го спомена и словачкиот поет Иван Штрпка, лауреат на „Струшките вечери на поезијата“.

На економски план, беше поздравено потпишувањето Меморандум за економска соработка со очекување да се отворат нови можности за проекти, инвестиции и партнерства меѓу двете земји.

Во делот за надворешната и безбедносната политика, Сиљановска-Давкова потсети дека земјата ја усогласува својата политика со Европската унија и дека активно придонесува за регионалната безбедност. Таа се осврна и на пошироката геополитичка слика, оценувајќи дека „реинтеграцијата во ЕУ“ е најдобар одговор на ризиците од политички вакуум и влијанија од трети страни.

Зачлени се на нашиот е-билтен