Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до верниците од православна вероисповед и до сите граѓани по повод државниот празник Свети Климент Охридски, кој се одбележува на 8 декември. Во пораката таа потсетува на ликот и делото на охридскиот светител како на една од темелните фигури на македонската духовност и писменост, но и како на симбол кој одамна ги надминал границите на Македонија.
Претседателката нагласува дека Свети Климент не е присутен само во иконописите и фреските, туку и во секојдневието – преку бројните образовни, научни и културни установи што го носат неговото име. Тој континуитет, како што посочува, е доказ дека делото на охридскиот просветител останува живо и актуелно, независно од политичките и историските промени.
Како најголемо наследство на Свети Климент, Сиљановска-Давкова ја издвојува писменоста и вредностите што му овозможиле на народот да ги разбере книгите и, преку тоа, подобро да се разбере себеси. Писменоста, вели таа, не е само техничко знаење, туку пат до сознанието дека човекот не е одговорен само за сопствениот живот, туку и за заедницата во која живее.
Во честитката се потсетува и на времето кога под водство на Свети Климент, нашите краишта од политичка периферија прераснале во просветен и културен центар, со Охрид како духовна престолнина. Охридската книжевна школа, богатото духовно и уметничко наследство, според претседателката, оставиле препознатлив печат врз европската цивилизација, надживувајќи империи и политички системи токму поради својата трајна духовна и човечка вредност.
Празникот, како што оценува Сиљановска-Давкова, е и повод за самопреиспитување: колку од светиклиментовите доблести – милост, смирение, взаемна помош и разбирање – можеме да препознаеме во денешното општество и во личното однесување. Таа предупредува дека пред граѓаните и институциите стои сериозна задача: повторно да се научат и оживеат доблестите што ја држат заедницата на едно место.
Во духот на таа порака, претседателката повикува на нов општествен договор заснован на владеење на правото, борба против корупцијата, социјална правда и заемна грижа. Само така, додава таа, Македонија може да стане пристојно, праведно и достоинствено место за живеење за сите нејзини граѓани, без разлика на политичките или други разлики.
Честитката завршува со желба пораката на Свети Климент за смирение, милост, знаење и заедништво да биде водилка и инспирација во секојдневните одлуки – од личното однесување, до јавните политики и институционалното постапување.

