Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Сиљановска Давкова – Радев во Баку: За билатералните спорови да се применат принципите и вредностите на ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на Конференцијата за климатски промени – COP 29 во Баку, Азербејџан. Во разговорот кој, како што информираат од Кабинетот на претседателката, траел еден час и се одвивал во конструктивна атмосфера, било разговарано за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес.

Двајцата соговорници ги изложиле своите позиции во поглед на можните решенија за предизвиците на македонските евроинтеграции.

Претседателката ја подвлече важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа и притоа посочи дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и дека решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија.

Сиљановска Давкова, како што посочуваат од Кабинетот, нагласила дека односите треба да се развиваат врз основа на заемно почитување, поддршка и активна соработка што ќе придонесе за јакнење на довербата и пријателството меѓу двата народа.

Бугарскиот претседател Радев, се вели во соопштението, укажал на потребата од брзо решавање на отворените прашања, како и на потребата од воспоставување на добри односи во сите области од заемен интерес за полесно меѓусебно разбирање.

Двајцата соговорници во разговорот, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателката, се согласиле за организирање на официјални посети на кои ќе се конкретизираат заложбите за подобра севкупна соработка меѓу двете држави.

Зачлени се на нашиот е-билтен