Откако на македонските власти им стана јасно дека не може да се менува Преговарачката рамка, дека не може да има уставни измени со одложено дејство, дека Македонија преговара со ЕУ а не со Бугарија сега претседателката Гордана Сиљановска-Давкова мисли дека со креативно толкување на рамката може да се најде излез од ќор-сокакот.
Тоа Сиљановска ѝ го кажала на специјалната пратеничка на Велика Британија за Западен Балкан, Карен Пирс.
Британија веќе шест години е надвор од ЕУ, но Сиљановска на денешната средба ѝ зборувала за вредностите што треба да ги негува Унијата.
Во соопштението од кабинетот на Сиљановска се вели дека таа ѝ рекла на Пирс оти оценувањето на напредокот треба да биде меритократско, со фокус на исполнувањето на Копенхашките критериуми и укажала на „деструктивноста на билатерализацијата на преговарачкиот процес под закана со вето“.
Според неа, македонските граѓани се заситени и заморени од бројните преседани, блокади и двојни стандарди. И дека спротивно на европските темелни вредности и принципи е негирањето на националниот и културниот идентитет, како и непочитувањето на дигнитетот и интегритетот на македонските граѓани.
„Можно надминување на блокадата, претседателката гледа во креативно толкување на Преговарачката рамка и надлежноста на Мешовитата комисија за историски и образовани прашања“, стои во соопштението.
Специјалната пратеничка Карен Пирс изразила разбирање за потребата од надминување на македонската евроинтеграциска блокада.