Силен земјотрес со јачина од 5,1 степен според Рихтеровата скала беше регистриран утрово во 5:53 часот во јужна Италија, при што потресот бил почувствуван во регионот Калабрија, но и во повеќе делови на Сицилија, меѓу кои и градот Месина, пренесуваат италијанските медиуми.
Според податоците на Италијанскиот национален институт за геофизика и вулканологија (INGV), епицентарот на земјотресот бил лоциран во Јонското Море, во близина на јонскиот брег, на длабочина од околу 65 километри.
Слични информации објави и Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC), според кој епицентарот на потресот бил на околу 62 километри источно од Реџо Калабрија, на длабочина од 58 километри.
Засега нема информации за човечки жртви или материјална штета, а надлежните служби ја следат состојбата. Земјотресот предизвика вознемиреност кај населението, особено во крајбрежните подрачја на јужна Италија.