(ВИДЕО) Силен земјотрес од 7,6 степени ги погоди Филипините – издадени предупредувања за можни цунами-бранови

Најмалку две лица загинаа, а неколкумина се повредени по силниот земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала, кој утринава ги погоди Филипините, соопшти Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија.

Подземниот удар предизвика значителни оштетувања на повеќе училишта и една болница, додека делови од земјата останаа без електрична енергија. Жителите на крајбрежните подрачја беа итно евакуирани како мерка на претпазливост.

Очевидци изјавија дека далноводите се нишале, а луѓето во паника ги напуштале своите домови, пренесува Асошиејтед прес.

Според првичните информации, епицентарот на земјотресот бил во отворено море, на длабочина од околу 10 километри, и на околу 60 километри оддалеченост од брегот.

Филипините и Индонезија издадоа предупредувања за можни цунами-бранови, јавува BBC. Пасифичкиот центар за предупредување од цунами предупреди дека постои ризик од опасни бранови во радиус до 300 километри од епицентарот.

Локалните власти започнаа евакуација на населението, особено на учениците во училиштата, а граѓаните се повикуваат да останат на безбедни и повисоки места додека не помине опасноста.

Претседателот на Филипините, Фердинанд Маркос, издаде наредба за итна евакуација во неколку крајбрежни провинции, додека властите во Индонезија засега немаат пријавено материјална штета.

Според филипинската сеизмолошка агенција, можно е појава на „бранови опасни по живот“, кои би можеле да достигнат висина до три метри во одредени региони на Филипините и околу еден метар долж брегот на Индонезија.

Зачлени се на нашиот е-билтен